Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека денот на смртта на најмаркантната и најсветла фигура во македонското револуционерно национално дело нè потсетува на жртвата која нашите предци ја направиле за македонскиот народ да живее во сопствена држава
Претседателката, премиерот, министри, лидери на партии, претставници од Собранието и други делегации денеска оддадоа почит по повод 122-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Бројните делегации положија свежо цвеќе на неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Претседателката Сиљановска-Давкова напиша дека Делчев неслучајно почива во дворот на црквата, на македонска почва и македонско небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава, дополнувајќи дека Гоце Делчев бил, е и ќе остане дел од нашата историја, сегашност и иднина.
„Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи“,
напиша претседателката.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, рече дека денеска се потсетуваме каков голем титан бил дел од македонскиот народ, кој немал само локално, туку и регионално значење. Рече дека борбата на Делчев за Македонија, неговата хуманост и неговото дело се безвременски и оти така ќе остане и за генерациите кои допрва доаѓаат.
„Кога велам да го чува и да го негува, да ја пренесува вистината, онаа вистина каква што вистински се случувала, а не вистината којашто за жал некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ. Во минатото имаше обид за инженеринг за таа вистина да биде поинаква. За среќа, тоа е веќе минато, а наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозциската СДСМ, Венко Филипче, рече дека пораките на нашиот најголем револуционер се актуелни и по повеќе од еден век, а неговите визии, рече, звучат дури и поактуелно отколку во неговото време и оти тоа е јасен сигнал дека како општество сè уште треба да работиме. Филипче повика на враќање на вредностите кои ги промовирал Гоце Делчев како единство, заедништво и градење на национален идентитет преку прогрес, а не преку изолација.
„Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација – ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна. Ако кажал дека треба сето да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока – а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. Ако кажал дека Македонија е полето каде што ние треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да го направиме тоа – да ја унапредуваме и надградуваме Македонија, и со човечки капацитет и со вредности“,
рече Филипче.