Американскиот портал „Политико“ објави дека вработените во „Гласот на Америка“ добиле електронска пошта од Министерството за правда во која се вели дека може да почнат да се враќаат во своите канцеларии идната недела

По речиси два месеца пауза, новинарите од „Гласот на Америка“ ќе продолжат со работа, објави денеска американскиот портал „Политико“. Откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп, со извршна наредба ја прекина работата на медиумот кој се финансира од државниот буџет, од Министерството за правда денеска до вработените пристигнала електронска пошта во која се вели дека од следната недела тие може да се вратат во канцелариите и да продолжат со работа. Помошничката на американскиот обвинител, Бренда Гонзалез Хоровиц, потврди дека персоналот ќе се врати на работа и оти сите вработени повторно добиле пристап до системите на сервисот.
Обидот за затворање на „Гласот на Америка“ наиде на правни пречки, а на 23 март федералниот судија Ројс Ламберт ѝ нареди на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го врати „Гласот на Америка“ велејќи дека со напорите за уништување на 80-годишниот информативен сервис финансиран од владата веројатно се прекршени и законот и Уставот.
Според „Политико“, американскиот окружен судија Ројс Ламберт рекол дека брзањето на администрацијата да го распушти „Гласот на Америка“ (VOA) и сродните новински организации финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) резултирало со суспензија на стотици новинари и вработени.
„Ова доведе до опасност некои странски дописници да бидат депортирани во нивните матични земји, а замолчувањето на ‘Гласот на Америка’, првпат по 80 години, исто така лиши стотици милиони слушатели од сигурен извор на вести во делови од светот кои немаат слободни медиуми“,
кажа своевремено Ламберт.
Судијата ѝ нареди на администрацијата на Трамп веднаш да ги врати сите вработени и програмата на „Гласот на Америка“ за да го исполнат законскиот мандат да служат како постојан сигурен и авторитетен извор на вести.
Трамп и неговите сојузници го прогласија „Гласот на Америка“ како бастион на идеологијата на крајната левица и посочија дека тоа не им служи на интересите на американската влада.
Над 1 300 вработени во „Гласот на Америка“, вклучувајќи околу 1 000 новинари, беа отпуштени по наредбата на претседателот Доналд Трамп. Белата куќа го обвини радиодифузерот дека е против Трамп и радикален.
„Гласот на Америка“, првично како радиосервис, беше основан за време на Втората светска војна за да ѝ се спротивстави на нацистичката пропаганда и стана голем глобален медиумски емитувач.