Оттаму велат дека Демократската унија за интеграции е разочарана оти, како што велат, планот на опозициската партија за поништување на Законот за јазиците преку Уставниот суд пропаднал пред да земе замав
Планот на Али Ахмети и Бујар Османи кои се обидоа преку судии кои се именувани од ДУИ да го загрозат албанскиот јазик во земјава, пропадна, а со тоа и обидот за дестабилизација во земјава, па затоа сега токму Османи, како почетник во политиката и без кредибилитет, не успева да го сокрие разочарувањето, велат од владејачката Вреди.
Оттаму велат дека Демократската унија за интеграции била решена да го жртвува албанскиот јазик само за да се врати повторно на власт по секоја цена. Дополнително, велат дека албанскиот јазик не е предмет на преговори и оти Вреди нема да дозволи ниту еден чекор назад кога станува збор за правата на Албанците.
„Лагите завршија. Две децении, ДУИ правеше работи половично, за пред очи на јавноста, манипулирајќи со албанската кауза за лични и партиски зделки. Следните локални избори веќе не се само избори. Тие се РЕФЕРЕНДУМ за албанскиот јазик, за еднаквоста на Албанците во оваа држава и за конечно ставање печат на ДУИ како партија нон грата и како “организација” на тесни лични интереси“,
велат од Вреди.
Претходно, денеска, од ДУИ реагираа дека Уставниот суд ја напуштил својата мисија како независна институција и се претворил во инструмент на власта за рушење на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор.
Од партијата денеска преку соопштение ги критикуваа изјавите на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оценувајќи ги како „неодговорни и длабоко опасни“, бидејќи, според нив, ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, со намера да го одвратат вниманието од системската дискриминација.
Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, пак, на социјалните мрежи напиша дека се сомнева оти локалните избори во октомври ќе бидат претворени во референдум за албанскиот јазик и за еднаквост во државата.
Ваквата изјава на Османи, објавена на неговиот фејсбук-профил, доаѓа откако вчера претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изнесувајќи ја неговата процена, рече дека за да се избегнат политизација и етнизација, конечната одлука за Законот за јазиците ќе биде донесена после локалните избори.