Во моментот во болницата на лекување останува осмиот и последен најтешко повреден пациент сместен таму, кој е на возраст од 21 година, информираат од „Пирогов“
Уште тројца од најтешко повредените лица во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска се пуштени од Универзитетската ургентна болница „Пирогов“ во Бугарија, каде што беа пренесени на лекување непосредно по трагичниот настан.

Информацијата, како што пренесе бугарската новинска агенција БТА, ја соопштиле од болницата, од каде велат дека со тројцата пациенти, бројот на успешно спасени тешко повредени лица кои беа транспортирани во „Пирогов“ сега изнесува седум.
Како што информираат оттаму, станува збор за млади луѓе на возраст меѓу 16 и 19 години.
Во моментот во болницата на лекување останува осмиот најтешко повреден пациент, кој е на возраст од 21 година.
Претходно, на 7 април, од болницата беа отпуштени четворица пациенти.
„Сите лица беа подложени на речиси 30 големи сложени операции и над 240 помали операции“,
вели проф. д-р Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична и реконструктивна хирургија во „Пирогов“ во изјавата што ја пренесува БТА.
Што се однесува до 21-годишното момче, кое сè уште е во „Пирогов“, оттаму велат дека тоа е во стабилна состојба и останува на лекување во клиниката.
По страшната трагедија во Кочани што се случи на 16 март, осум од тешко повредените беа пренесени на лекување во Ургентната болница „Пирогов“.
На 11 април, тројца повредени од пожарот во Кочани, што беа хоспитализирани во Бугарија, беа отпуштени од болниците во Пловдив и Варна.
Од Министерството за здравство на С Македонија, пак, соопштија дека осум од повредените во пожарот, кои беа на лекување во Турција, Бугарија и Словенија, денеска се враќаат во земјава.
Според информациите, од Турција се враќаат петмина пациенти, двајца од Бугарија и еден од Словенија.
Со враќањето на овие пациенти, од Здравство велат дека на лекување во странство остануваат уште 18 пациенти.
Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, двајца на Клиниката за пластична хирургија и еден пациент во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Од Министерството велат дека дел од повредените, кои изминатиот период се вратија во земјава, веќе го започнале процесот на рехабилитација во Општата болница во Кочани. Тие во зависност од повредите се третираат на одделенијата за неврологија, хирургија и физикална терапија.
Министерот за здравство Арбен Таравари пред три дена рече дека Турција изразила подготвеност бесплатно да прими до 15 пациенти повредени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, а на кои им е потребна долготрајна рехабилитација што може да трае повеќе од една година. Понудата Таравари рече дека ја добил при неговата неодамнешна посета на двајца пациенти повредени од пожарот во Кочани, што се лекуваат во болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул.