Овој период Атина го живее во безмалку секојдневни протести главно насочени против пакетот-закони од кои зависи меѓународната финансиска помош за земјата. Но, и новите најавени удари по џебот на грчкиот граѓанин не ја истиснаа деновиве најактуелната тема овде – прашањето за името.
За илустрација, ова се дел од главните наслови во денешните изданија на весниците – То Вима: „Македонска салата“, Етнос – „Патот на Скопје кон НАТО оди преку Грција“, Караманлис за Реал Њуз – „Не постои македонска нација и тоа треба да се разјасни и официјално да се прифати“, Катимерини – „Ова е клучна фаза за изнаоѓање решение во пресрет на новата рунда преговори“.
Два дена пред средбата во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц, во интервју за грчкиот јавен сервис ЕРТ, изјави дека рамката со идеи што ќе ја понуди е комбинација од веќе предлагани елементи. Еден дел од интервјуто на Нимиц е особено интересен – оној во кој апелира и до грчата страна да покаже чувствителност за прашањето за идентитетот на соседите.
Нема ништо целосно ново, веќе го кажав ова. Нема ново волшебство за ова прашање, знаеме што е проблемот, ги знаеме ставовите на Атина, ги знаеме и ставовите на Скопје. Значи, станува збор за елементи што веќе биле спомнувани во минатото.
Значи, ќе презентирате име и идеи што веќе сте ги преговарале во минатото?
Низ годините јас презентирав неколку предлог идеи, некогаш една од земјите ги наоѓаше за корисни, а друг пат другата земја и, мислам, она што ќе се обидам да го направам е да земам елементи за кои имам слушнато од двете земји.
Во медиумите, од двете страни, во последно време излегуваат различни имиња, секогаш со одредница, како Северна Македонија, Нова Македонија. Дали планирате да презентирате само едно име и со каква одредница?
Мислам дека е малку прерано да се зборува за тоа сега бидејќи средбата е закажана за среда. Не е упатно од мене да зборувам за тоа, а особено не за имиња.
Кои други прашања се чувствителни за двете земји?
Има и други помошни прашања покрај прашањето за името, како неговата употреба, прашањето за идентитетот, нешто што е причина за сериозна загриженост од страна на северниот сосед и сите треба да сме исклучително чувствителни за тоа. Има загриженост и во Грција, за прашања од историјата, за сопственоста врз историското наследство, за учебниците. Прашања за кои, исто така, ќе треба да се најде решение. Овие дополнителни прашања кои ги знаеме, се важни, но јас мислам дека има решенија за нив. Две пријателски земји можат да ги решат ако прво се реши основното прашање.
Од грчките официјални претставници, најдалеку досега во образложение на ставот на Грција отиде портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервјуто што го даде за едно солунско радио. Еве дел од тој разговор, во кој, од една страна, портпаролот на владата зборува за промена на уставното име, а од друга – вели дека идентитетот е наше прашање.
Ме разбирате зошто го велам ова – зошто се плашиме од сложено име што ќе биде во употреба само за нас, а нашите соседи ќе продолжат да го употребуваат името Македонија, како и сега и во јазикот и се останато поврзано со ова сериозно прашање. Треба да знаеме дали Владата зборува за едно име за севкупна употреба?
Тоа е очигледно. Го имаат кажано и министерот за надворешни и премиерот. Нашата позиција е едно име, erga omnes, што ќе го употребуваат сите, а ќе го користат и нашите соседи внатрешно. Всушност, ќе мора да има промена на уставното име за да можеме да се најдеме во полето за решение.
Не можам да замислам дека скопјаните ќе прифатат промена на Уставот за ова прашање и за внатрешна употреба во нивната земја. Ова е клучното прашање…
Г-дине Диамантопулос, почекајте да ви кажам дека во последниот период, со политиката на новото лидерство на соседот, имаше мислења на сосема друго ниво. Еден цел наратив кој беше промовиран и употребуван…
Г-дин Ѕанакопулос, тоа беше изградено и изгледаше како да ќе трае сто години. Верувате дека е искоренето, бидејќи Груевски ја загуби власта поради прислушувањето и се друго… Ме разбирате, ние што секојдневно живееме со скопјаните на Потидеа, Егнатиа, одиме и доаѓаат, и знаеме како се однесуваат луѓето таму, во нивната држава. Тоа им е во коските.
Toa што нас не интересира се правните прашања и меѓусебните договори…
Точно, точно, точна забелешка, но…
Идеологијата и идентитетот е нивно прашање…
Се надевам дека ќе разберете оти приговорите… точно, точно. Самоопределувањето е од висока важност за човештвото. Не разговараме за тоа. Би рекол, како ќе го нарекувам мојот јазик е мое прашање…
Севкупната атмосфера овде се чини сега е помалку оптимистичка отколку пред неколку недели. И искусниот новинар Ставрос Лиерос зборува за промена на Уставот и за потреба од дистинкција – не само географска туку и идентитетска.
Во реалноста, проблемот не е името на државата туку што е оваа држава. Македонија е поширок географски регион. Освен ФИРОМ, во овој регион спаѓа и Пиринска Македонија и она што вие го нарекувате Егејска Македонија, или грчка Македонија. Прашањето што не разделува е дали ова е земја на една нација што е разделена и треба да се обедини повторно. На пример, ако грчка Македонија е дел од поширокиот регион Македонија, дали тогаш е под грчка окупација.
И тоа е нешто што често се споменува. Или дали Македонија е мултиетнички регион, не се повикувам на антички времиња зашто тоа е друго прашање.
Сега зборувам за геополитика од денешни времиња. Ако се договориме дека Словените од Македонија се една од нациите што живеат во овој регион заедно со Грците, Бугарите, Албанците или Евреите во Солун, или Отоманите во периодот претходно, тогаш прашањето за името би можело многу брзо да се реши. Главната пречка за Грција е дека овој дел, мислам на конкретната националност, се однесува како да има монопол врз името Македонија. Како да сака да има монопол врз терминот „македонски“ – македонски етникум, македонски јазик… Ако се договорат дека тие се дел од поширокиот регион и ако го користат името Македонија во услови на нивниот дел, мислам дека решението за проблемот ќе биде многу лесен. Но, мислам дека оваа дискусија не е готова и мислам дека оваа дебата требаше да се заврши пред да се разговара за името.
Дали мислите дека позицијата на АНЕЛ (партијата на Каменос) ја усложнува ситуацијата за Нова Демократија, која стравува од АНЕЛ и во овие услови не би поддржала решение иако сложено име со географска одредница беше една од позициите на Нова Демократија уште пред 10 години?
Што би било пречка. Ако има договор за севкупна употреба erga omnes и ако има промена на уставното име на оваа држава и ако има разјаснување за јазикот и за нацијата тогаш би било многу тешко за која било политичка партија во Грција да го отфрли тој договор. Мислам дека клучно е прашањето дали може да имаме ваков тип на договор. Мислам тешко, не велам невозможно, разбирам дека двете страни, пред малку меѓу нас имаше недоразбирање за употребата на терминот Македонец, и ако овие елементи не се расчистат, сигурен сум дека пречките нема да бидат само меѓу грчките политички партии туку и на ниво н а општеството и на јавното мислење – ќе има реакции кои би претставувале проблем и би го спречиле договорот.
И нашата анкета на атинските улици го ислустрира резултатот од истражувањето на јавното мислење објавено вчера, според кое 68 отсто од грчките граѓани се против сложено име што ќе го содржи терминот македонија.
Не сакам решение, само сакам Македонија да биде грчка.
Воопшто не ми е гајле за нивното име, името Македонија им припаѓа на Грците, името е грчко.
Слушнав од албанските медиуми дека името ќе биде Нова Македонија. Не можам да ви кажам дали се согласувам, тие ќе решат дали ќе се согласат.
Сигурно дека име со географска одредница би било најдобро решение во овој момент. Оптимист сум, на тоа упатува развојот на ситуацијата.
Впечатокот од терен е дека оптимизмот на владите на двете земји, на Брисел, Вашингтон и на Берлин – дека сега е моментот за конечно затворање на спорот, не е базиран на промена на ставовите во грчката јавност. Овде се уште постои голема скепса и доминираат ставови кои се чинат тешко достижни и за најлибералните гледишта во Скопје. Сепак, дипломатијата понекогаш знае да го направи возможно и невозможното. За 360 степени од Атина, Владимир Мирчески..
Напишете коментар