Волц беше дел од американскиот тим што преговараше за мировен договор меѓу Украина и Русија и присуствуваше на преговорите во Саудиска Арабија во март, на кои беше предложен 30-дневен прекин на огнот
Советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајк Волц, ја напушта својата функција, објави Ројтерс, повикувајќи се на свои извори.

Волц беше дел од американскиот тим што преговараше за мировен договор меѓу Украина и Русија и присуствуваше на преговорите во Саудиска Арабија во март, на кои беше предложен 30-дневен прекин на огнот.
Иако околностите на неговото заминување во овој момент не се јасни, Волц рече дека ја прифаќа целосната одговорност за аферата „Сигналгејт“, потсетува Скај њуз.
Скандалот избувна откако уредникот на „Атлантик“, Џефри Голдберг, беше додаден во групен разговор на апликацијата за пораки Сигнал, заедно со високи претставници на администрацијата на Трамп, каде што министерот за одбрана Пит Хегсет сподели детали за американските напади врз проиранската бунтовничка група хути во Јемен.
Скај њуз објави дека Волц „јасно бил жртвено јагне во сето ова“ и дека Доналд Трамп можеби чекал на овој момент.
Волц се појави на американската телевизија утрово во улога на советник за национална безбедност, зборувајќи за Украина и велејќи дека е време Русија да се донесе на преговарачка маса, објави британската мрежа.
„Тоа беше само пред неколку часа, па оваа вест веројатно беше изненадување за него. Веројатно (тоа се случило) во последните неколку часа“,
рече Џејмс Метјуз, дописник на Скај њуз од САД.
Волц, според сопственото признание, бил тој кој го додал Голдберг во групен разговор на апликацијата за шифрирани пораки, а тој содржината од доверливите пораки ја објавил во статија во својот весник во март, што предизвика земјотрес во администрацијата на Трамп.
Групата вклучувала голем број други високи функционери на администрацијата, вклучувајќи ги Хегсет, потпретседателот Џеј-Ди Венс, директорката на Националното разузнавање Тулси Габард, државниот секретар Марко Рубио и други.
Во групата наречена „мала група на хутите PC“, официјалните лица разговарале за деталите за претстојната воена офанзива против хутите.
Белата куќа потврди дека главниот уредник на списанието „Атлантик“ погрешно бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери.