„Рамсар“ е меѓународна конвенција за заштита на водени површини, која е потпишана од 90 отсто од земјите членки на Обединетите нации. Неодамна, претставници на конвенцијата и експерти од трите држави го посетија езерото и најавија препораки за спас кои треба да бидат ставени на маса во текот на летото
Длабоко врежано во географската и историската карта на Балканот, Европа па и светот, Преспанското езеро се проценува дека e старо меѓу пет и два милиона години.
Денес тоа е дом на повеќе од 2 000 вида риби, птици, цицачи и растенија, но сето тоа е ставено под прашање.
Многу е повлечено, овие објекти не беа тука, немаше ништо. Јас како памтам ко дете, горе беше водава, каде е… од озгора до оваму па до овде да дојде, колку метри висина има.

Кајчињата што некогаш биле закотвени во езерото, сега „пливаат“ на сув брег, а некогашните плажи се само потсетник за она што било туристичка атракција. Алармот е одамна вклучен и кај домашните, но и кај меѓународните институции.
Една од нив е „Рамсар“ мисијата, под чија заштита езерото е од 1995-тата. „Рамсар“ е меѓународна конвенција за заштита на водени површини, која е потпишана од 90 отсто од земјите членки на Обединетите нации.

Неодамна, претставници на конвенцијата го посетија езерото и најавија препораки за спас.
Повеќе од очигледно е дека со текот на годините, Преспанското езеро изгубило огромно количество вода, а со тоа несомнено и дел од својата убавина. Најавените препораки од Рамсар мисијата се можеби последната сламка за спас на езерото. Секако, доколку доследно до нив се придржуваат Македонија, Грција и Албанија.
Советодавното тело на Рамсар направи обиколка на езеротото во трите земји, ги собра потребните податоци во координација со претставници од државите што го делат езерото, а првичните резултати ги најави за јули.
Препораките може да бидат нови, но причините зошто Преспа губи вода се добро познати. „360 степени“ известуваше за нив пред пет години. Езерото постојано губи вода бидејќи го полни Охридското, кое е на пониска надморска височина од него. Потоа, тука е злоупотребата на водата за земјоделството. Последните години голем фактор се климатските промени изразени преку намалени врнежи на дожд и снег.

Поголемиот број проблеми се познати за локалните власти, вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, и дополнува дека единствено со заеднички сили, поткрепени со меѓународна помош, би можело да се зборува за потенцијален спас на езерото.
„Навистина не е преголем делот на локалната самоуправа, но слободно можам да кажам дека од друга страна нас најмногу не боли и мораме најмногу да бидеме посветени. Очекувам огромна помош од Рамсарската конвенција, а најмногу во делот на детектирање на проблемите, но и поставеноста на сите чинители на едно место за заеднички да го пронајдеме решението за Преспанското езеро“,
вели градоначалникот на Општина Ресен.

Локалната самоуправа и во моментов добива помош од Европската Унија, преку проектот „ЕУ за Преспа“, вреден 18 милиони евра. Преку него се очекува да се работи на изнаоѓање решенија за заштита на езерото и регионот, како и на ендемските видови што опстојуваат тука.
„Најмногу ми дава надеж она што ви го кажав, потпишувањето на тој договор меѓу најрелевантните чинители во трите држави. Но, во секој случај, заинтересираноста на Европската Унија, по последната средба со евроамбасадорот, тој истакна дека ова не е само проблем на Преспа, на Македонија, Грција или на Албанија или само на Европа, туку ова е многу поголем и глобален проблем каде што треба да го издигнеме на многу повисоко ниво за решавање на проблемот“,
рече градоначалникот Тозиевски.
На лето можеби и ќе наидете на по некој турист, но сега некогашните плажи зјаат празни. Во сон се и ретките кафулиња кои се уште функционираат на крајбрежјето.
Недалеку од ова место, се наоѓа викенд населбата во селото Претор. Таму го сретнавме 80-годишниот Петре Јончевски кој живее во Битола. Викендичката ја изградил во осумдесетите години на минатиот век. Дваесет години од животот ги поминал работејќи во Париз, но вели дека ништо не може да се спореди со мирот што го нуди Преспа.
„Преспа како Преспа, нема друга, да се разбереме. Независно, каква е и што е, ако погледнеме колку планини ја опкружуваат и што има на средина едно езеро убаво, исчезнува нажалост, ова е Калифорнија, ама не таа во Америка, туку наша овдека. Сите услови за човек да си го продолжи животот“,
ни рече Јончевски.

И покрај фактот што овој предел го има можеби најчистиот воздух во земјава, Јончевски вели дека не може да се оди против климатските промени кои во комбинација со човечката негрижа и фактот што се уште не постои системско решение, се смртоносна комбинација за состојбата на езерото, кое буквално исчезнува пред нивните очи.
„Да се спаси езерото… песимизам. Ако ја погледнеме Иван планина во Мала Преспа, Галичица таму и Пелистер од овде сите се голи, нема снег. Тој снег требаше да остане и летно време да има, затоа што ако остане некоја глатка ќе остане и тој ќе се стопи и ќе оди во земјава. Нема дотек“,
кажа Јончевски.
Песимистички на состојбите гледа и еден од ретките постојани жители на селото, 88-годишниот Јордан Ефтимов. И тој прстот го вперува во човечкиот фактор кој според него е главниот проблем за исчезнувањето на едно од најстарите езера во светот.
„Езерото слезе, се наполни трска, никој не го одржуваше, значи го изгубивме езерото. Од луѓето. Не, природата што прави не можеме да се бориме, ама ако се чистеше и одржуваше немаше да има песок. И војската чистеше ама не може да се чисти езерото, да е на суво ќе врне снег, на суво ќе изгори тревата ама тука не можеш, ќе ги отруеш сите риби“,
изјави Ефтимов.

Тој е скептичен дека ќе се реши проблемот, не оти нема решенија, туку зашто не верува дека има заинтересирани страни кои вистински ќе се заложат.
„Тоа може да се спречи, само кој ќе го финансира тоа? Езерото е на сите, не е само на еден. Да е на еден како било, ќе јадеш пипер и кромид.. ќе го исплатиш станот, а ако е на сите, ако имаш повеќе браќа да пуштат, не можат ништо да направиш. Е кај нас е тоа, не ги интересира ниту Грците ниту Албанците“,
рече Ефтимов.
Но во Рамсар мисијата има експерти од Албанија и од Грција кои се заинтересирани да се спаси езерото. Што би можело да се очекува да понудат како решение. од Министерството за животна средина не ни открија во детали.

Генерално, вели советникот во секторот заштита на природата Исуф Фетаи, главна тема на посетата била управување со нивото на водата и хидролошката рамнотежа во него, со фокус на соработката меѓу трите соседи на прашањата.
„Соработката беше формализирана преку договорот од 2010 година и се спроведува преку: Комитетот за управување со Преспа Парк, работната група за управување со водите, заеднички состаноци, размена на податоци, составување на водни биланси и планирање на заеднички проекти и мерки со управувањето со езерото“,
вели Фетаи.

Рамсар мисијата има техничка и советодавна улога – односно обезбедува независна експертиза и подготвува препораки за подобро управување со водните и биолошките ресурси.
Нивното спроведување е многу поважно. А тоа зависи само од луѓето и државните институции во трите држави кои ја делат Преспа.