Фармацевтска комора на Македонија денеска соопшти дека почина првиот здравствен работник од ковид-19 во земјава.
Според соопштението, се работи за фармацевтскиот работник Петар Мојсоски од село Подгoрци, Струга, кој се заразил извршувајќи ги своите професионални должности, односно додека пружал здравствена заштита на своето работно место, во аптека. Тој починал на скопската Инфективна клиника на 27 мај.
„Петар Мојсоски е првиот здравствен работник кој почина од ковид-19. Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби. Во состојба на пандемија кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување“,
се вели во соопштението од Фармацевтската комора.
Оттаму апелираат до пациентите, и покрај олабавувањето на мерките, да ги почитуваат и понатаму мерките за заштита при посета на аптека.
Пред десетина дена министерот Венко Филипче соопшти дека откако беше регистриран новиот коронавирус во земјава, со него се заразија 247 здравствени работници, од кои 226 се излекувани.