Повеќе од седум милиони Канаѓани веќе гласале, што е рекорден број, според изборните службеници. Првите резултати се очекуваат кратко по затворањето на гласачките места в понеделник вечер, а 29 милиони гласачи ги избираат сите 343 членови на Долниот дом на канадскиот парламент во Отава
Владејачката Либерална партија на премиерот Марк Карни и опозициските конзервативци, предводени од Пјер Поилиевр, се во тесна трка на денешните парламентарни избори во Канада.

Најновите предизборни анкети сè уште им одат во прилог на либералите, но Конзервативната партија ја намали разликата.
Повеќе од седум милиони Канаѓани веќе гласале, што е рекорден број, според изборните службеници. Првите резултати се очекуваат кратко по затворањето на гласачките места во понеделник вечер, а 29 милиони гласачи ги избираат сите 343 членови на Долниот дом на канадскиот парламент во Отава.
По речиси десет години на власт, либералите изгледаа политички исцрпени, а конзервативците влегоа во трката како најверојатни победници на следните избори.
Но, Карни, поранешен гувернер на Банката на Канада, ги подобри изгледите на својата партија во последните недели, потпомогнат од трговските тензии и заканите за анексија од американскиот претседател Доналд Трамп. Карни се позиционира како стабилизирачка фигура и застапник за диверзификација на трговските врски со Европа и Азија за да се намали зависноста од Соединетите Американски Држави.
Поилиевр, од друга страна, во својата изборна кампања се фокусираше на намалување на даноците и владините трошоци. Сепак, неговиот популистички пристап и реториката слична на Трамп се чини дека вознемирија некои гласачи поради високите тензии со Вашингтон.
Двете партии се натпреваруваат за најмалку 172 места, што би обезбедило апсолутно мнозинство. Канада има мнозински изборен систем во кој се избира само еден претставник од секоја изборна единица, оној кој ќе освои мнозинство гласови во таа област. Доколку ниту една партија не добие мнозинство, Карни или Поилиевр ќе имаат потреба од поддршката на помалите партии како што се Новите демократи, Зелените или блокот Квебек.
Либералите управуваат со Канада, земја со околу 40 милиони луѓе, од 2016 година. Првично избрани со мнозинство во парламентот, тие во последниве години предводеа малцинска влада под водство на поранешниот премиер Џастин Трудо. Наведувајќи ја намалената јавна поддршка поради зголемените трошоци за живот, Трудо поднесе оставка во март, отворајќи го патот Карни да биде избран за лидер на партијата и нов премиер.

Потоа Карни распиша предвремени избори и спречи гласање за доверба што му се закануваше. Според канадскиот закон, следните избори требаше да се одржат на есен, четири години по последните во октомври 2021 година.
Изборите доаѓаат по трагичниот инцидент во Ванкувер за време на викендот, кога маж со автомобил се заби во луѓе на филипински уличен фестивал, при што загинаа најмалку 11 лица. Триесетгодишен осомничен маж е уапсен. Полицијата соопшти дека не станува збор за терористички чин.