Засега нема информации за повредени лица и за причините за сообраќајката

Сообраќајна несреќа утрово се случила на крстосницата меѓу булеварите „Видое Смилевски Бато“ и „Србија“ во Општина Аеродром.
Според фотографиите и видеата направени од оваа крстосница, може да се види дека во сообраќајката учествувале две возила, од кои едното марка „опел“ е превртено на страната каде што е возачкото место.
Веднаш по несреќата, во дел од видеата, може да се види дека другите учесници во сообраќајот и минувачите се обидуваат да им укажат помош на лицата што се во превртениот автомобил.
Засега нема информации за повредени лица и за причините за сообраќајката.
Инаку, пред две недели во близина на оваа крстосница, на булеварот „Јане Сандански“, се случи сообраќајка во која беше повредено едно лице.
Во сообраќајната несреќа учествувале две возила, а едното беше превртено на покривот.
Викендов, пак, на улицата „Цветан Димов“ во скопски Чаир загина 16-годишен возач на мотоцикл откако со мотоцикл „пиаџо беверли“ се судрил со електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје.