Руската инвазија врз Украина го раздвижи процесот на проширување, прашање кое за ЕУ во последните години покрај политичка и економска, доби и безбедносна димензија. Она што до пред неколку години се сметаше за речиси невозможно сега како да станува реално – ставање на земјите кандидатки, кои добро напредуваат, на ‘брза линија’ кон Брисел. Северна Македонија, по одвојувањето од Албанија, не е меѓу овие држави. Но, тоа не значи дека Скопје не може брзо да им се приклучи на Подгорица и Тирана, вели во интервју за „360 степени“ Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, одличен познавач на односите ЕУ – Западен Балкан
„Се додека Северна Македонија не го промени Уставот и не ги исполни условите на кои се обврза, тешко е да се замисли дека ќе напредува кон ЕУ. Тогаш не мислев дека ова е добра зделка (т.н. француски предлог, н.з.) не мислам дека ѝ помогна на земјата и во многу аспекти е нефер, но, за жал, тоа е ситуацијата во која се наоѓа Северна Македонија. Но, сега има можност, пред три години не изгледаше веројатно дека Црна Гора и Албанија би и се приклучиле кон ЕУ до крајот на декадата. Мислам дека има ‘стратегиско отворање’ за Северна Македонија да им се приклучи на другите две земји зашто ако ја гледате подготвеноста и степенот на реформи, Северна Македонија не заостанува зад двете држави. Таа може многу брзо да ги надомести формалните барања ако блокадите со Бугарија се надминат“, вели Бибер
360°: Во моментов „скапоцениот камен во круната“ на процесот на проширување, ако можеме да ја искористиме таа метафора, е Црна Гора, а на неа ѝ се приклучува и Албанија. Минатата недела еврокомесарката за проширување Марта Кос од Софија порача дека е реалистично овие две земји да бидат подготвени за членство до крајот на мандатот на оваа Европска комисија, што би значело 2029 г. Дали ова сценарио е изводливо?

Флоријан Бибер: Навистина изгледа дека е тоа што Европската комисија го сака. Се чини дека навистина сака тие две земји да се приклучат, можеби дури и Молдавија, да се има една или повеќе успешни приказни. Секако, ако ЕК тоа го сака, поверојатно е тоа да успее. ЕК не е единствениот актер во играта, но тоа е сигнал до владите на Црна Гора и Албанија дека ако ја исполнат својата задача навистина може да успеат. Сега гледаме вистински динамизам во двете земји, секако дел е површински, дел е само штиклирање наместо суштински реформи, но како да постои вистинска желба за зачленување на овие држави. Затоа, личи на возможно до крајот на оваа декада овие земји, можеби нема да станат членки, да ги завршат пристапните преговори и со тоа да станат подготвени за зачленување, а да преостанат другите елементи од процедурата како ратификацијата која може да потрае неколку години. Значи, изгледа дека е возможно.
360°: Кога зборуваме за проширувањето, како гледате на овој процес во однос на Украина и Молдавија? Се очекува Кишинев да го отвори првиот кластер по завршување на скринингот, но Киев најверојатно нема. Зошто е тоа така?
Флоријан Бибер: Мислам дека е јасно дека Украина, во неколку аспекти, е посебен случај. Но, тоа е државата што го поттурна целиот процес на дебата за проширувањето во рамките на ЕУ и сево ова немаше да биде на агендата да не беше Украина. Но, во Украина има многу други приоритети – таа е во тешка позиција поради намалувањето на поддршката од САД, поради руското напредување. Проширувањето не е на врвот на приоритетите на Украина има многу поитни прашања со кои треба да се справи. Молдавија има шанса да се придружи на групата од три држави зашто ако се приклучи заедно со Црна Гора и Албанија, тоа ќе биде сигнал и за Украина дека процесот е отворен и реалистичен. Мислам дека тоа е стратегијата на ЕК – да се фокусира на овие три земји, а јасно е дека Украина, и да правеше сè што може, ќе се мачеше да се приклучи во блиска иднина поради војната, окупираните територии, а и поради тоа што многу земји членки на ЕУ не се расположени да ја прифатат Украина каква што е сега, во оваа ситуација на несигурност. Би можело да има други мерки, како вклучување на Украина во повеќе области на политики на ЕУ, некаква форма на членство, но сметам дека засега полноправно членство за Украина е тешко остварливо.

360°: Како го читате коалицискиот договор ЦДУ-СПД во однос на идното проширување на ЕУ. Некои медиуми, како ФАЦ, го толкуваат документот како промена во германската политика кон проширувањето во целост.
Флоријан Бибер: Да, коалицискиот договор наведува дека ЕУ треба да се реформира пред нови зачленувања. Прашањето е дали е тоа вистинска промена зашто отсекогаш било јасно дека, барем за големо проширување, ЕУ ќе треба да ги реформира институциите. Оттука, ризикот е дека премногу ја интерпретираме оваа разлика – да, изгледа дека има поголемо потенцирање на потребата од промена во ЕУ што може да се гледа како начин за одложување на проширувањето зашто сите знаеме колку е тешко да се реформира Унијата, во пресрет на некое проширување. Но, јас би аргументирал дека приклучувањето на една или две држави, особено ако зборуваме за Црна Гора и Албанија, кои се мали и немаат големи несакани геополитички последици во смисла на проблеми, а и не се некои идни Орбановци, изгледа возможно тоа да се оствари и без таа реформа. А дали Германија ќе биде таа што ќе блокира – малку веројатно, не мислам дека Германија би блокирала. Можеби не би била толку желна да го поддржува проширувањето, но тие реформи се неопходни, особено ако зборуваме за приклучување на повеќе земји. Оттука, мое мислење е дека ако ЕК даде убедливо образложение, Германија нема да го попречи проширувањето и такво сценарио би било мошне изненадувачко. Но, клучниот проблем што го гледам во однос на коалицискиот договор во Германија е што – една работа е да велите дека ЕУ треба да се реформира, но потоа Германија ќе треба да го преземе наредниот чекор и да иницира дебата за реформа на Унијата. Со години сите зборуваат за тоа, но никој вистински не ја туркал ваквата агенда, па оттука и прашањето како да се направи тоа – знаеме дека институциите треба да имаат помала моќ на вето, треба да има поголема флексибилност, поголема можност за казнување на земјите членки, но сè уште не знаеме како тоа да го постигнеме. Ако германската влада знаеше тоа да го каже, многу ќе му помогнеше на процесот.
360°: Господине Бибер, како експерт за состојбите на Западен Балкан, но и за прашања кои се однесуваат на Брисел, како гледате на позицијата во која се наоѓа Северна Македонија? Како земјата која важеше за фаворит во процесот на проширување повторно се најде во европската чекална?
Флоријан Бибер: Северна Македонија се најде во оваа тешка позиција поради, како што би го нарекол, несреќниот т.н. француски компромис од пред три години кој целиот товар на решавање на блокадата и споровите со Бугарија го стави на плеќите на Северна Македонија, што навистина многу го отежнува решавањето на ова прашање. Се додека Северна Македонија не го промени Уставот и не ги исполни условите на кои се обврза, тешко е да се замисли дека ќе напредува кон ЕУ. Тогаш не мислев дека ова е добра зделка, не мислам дека ѝ помогна на земјата и во многу аспекти е нефер, но, за жал, тоа е ситуацијата во која се наоѓа Северна Македонија. Но, сега има можност, пред три години не изгледаше веројатно дека Црна Гора и Албанија би и се приклучиле кон ЕУ до крајот на декадата. Мислам дека има „стратегиско отворање“ за Северна Македонија да им се приклучи на другите две земји зашто ако ја гледате подготвеноста и степенот на реформи Северна Македонија не заостанува зад двете држави. Таа може многу брзо да ги надомести формалните барања ако блокадите со Бугарија се надминат.
360°: Нема знаци ниту од Софија ниту од Брисел кои сугерираат промена во однос на договорот од јули 2022 г. за пристапниот процес на Северна Македонија. Дали гледате излез?
Флоријан Бибер: Сметам дека ова беше договор со многу маани кој, на крајот, Северна Македонија беше таа што го прифати. Договорот јасно наведува дека барањата се на македонска страна и затоа е малку веројатно дека ќе видите подготвеност кај Софија или ЕУ за маневрирање за ова прашање. Најдобро за македонската влада би било да изнајде начин за исполнување на барањата, но истовремено да добие гаранции дека ако таа го заврши својот дел од договореното, Бугарија не би блокирала повторно во блиска иднина. Тоа е дел од проблемот на компромисот, т.н. компромис од пред три години, кој не обезбедува заштита за тоа дека македонската позиција не бара признавање на националистичките барања на Бугарија во однос на јазикот и историјата, но и дека Северна Македонија нема да биде блокирана откако ќе почне со преговарачките поглавја. Ова се клучни прашања за кои има силна аргументација која може да ја турка која било македонска влада за расчистување на тоа прашање, но првиот, иницијалниот чекор мора да дојде од македонска страна. Нереалистично е да се очекува дека Брисел или Софија би го презеле првиот чекор – тие веруваат, исправно или погрешно, дека топката е кај македонската влада.
360°: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ многу инвестираше во градење блиски односи со новата американска администрација, притоа надевајќи се дека таа може да помогне во решавањето на проблемот со Бугарија. Дали мислите дека овие потези можат да вродат со плод?
Флоријан Бибер: Мислам дека е поверојатно дека тоа ќе ѝ наштети на Северна Македонија. Пред сè, знаеме колку е недоверлива администрацијата на Доналд Трамп. Таа нема стратегиски интерес на Балканот, тоа е очигледно. Нема стратегиска визија за Европа, напротив, има тек на исклучување. Така што да се верува дека администрацијата на Трамп би била во можност, поточно, би имала интерес да го реши прашањето, искрено е мошне наивно. Бугарија треба само да понуди да се изгради некаква зграда „Трамп“, одморалиште или нешто слично и веднаш поддршката би се префрлила на нејзина страна. Значи, нема причина зошто американската администрација би била посветена на поддршка на македонската страна во овој спор. Секако, ако станува збор за приклучување кон ЕУ, треба да ја имате добрата волја на клучните членки како Франција, Германија и други, а сите тие сега САД ги гледаат како проблем, како бељаџии и, навистина, САД брзо стануваат авторитарна држава која има агенда што целосно е исклучена од трансатлантската соработка. Сето ова, во очите на ЕУ, го прави секој сојузник на администрацијата на Трамп повеќе проблем отколку партнер. Затоа, ако актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ инвестира во односите со Трамп, таа ги уништува мостовите со ЕУ. Да се надевате дека Трамп ќе ви помогне во надминувањето на проблемите за да се приклучите на ЕУ, изгледа прилично лошо поставено. Во изминатите години Северна Македонија беше една од земјите со најголема усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и тоа е силен аргумент за да се убеди ЕУ зошто Северна Македонија е доверлив партнер. Ризикувајќи го тоа поради несигурен партнер кој има многу малку што да понуди и економски, и безбедносно и политички, многу наликува на коцкање кое, според мене, не гледам дека ќе ѝ се исплати на владата или на земјата.