Потврда дека до крајот на денот сите културни установи и вработени ќе добијат плата од собраниската говорница стигна и од заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски. Тој рече дека проблемот со доцнењето на платите се повторува неколку години наназад

Министерството за култура и туризам денеска соопшти дека исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши до крајот на денот. Од Министерството потенцираат дека дел од институциите веќе ги добиле платите и најавија дека ќе упатат покана за средба со претставниците на Синдикатот на културата (СКРМ).
„Министерството за култура и туризам е целосно посветено на решавање на проблемите во врска со исплатата на платите за културниот сектор. Исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска“,
се вели во соопштението.
Министерството, додаваат оттаму, ќе упати покана за официјална средба со СКРМ со цел да се разгледаат сите отворени прашања во духот на заемна почит и партнерство.
„Дијалогот мора да продолжи, бидејќи само така можеме да изнајдеме долгорочни решенија за стабилноста на културните институции и достоинството на културните работници“,
порачаа од Министерството.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков од собраниската говорница изјави дека веднаш по решавањето на проблемот со платите започнале комуникација со СКРМ и СОНК.
„Вчера беше првата комуникација, од утре формираме работни групи, почнуваме да работиме на проблемите што ги има во културата и за тој колективен договор што останал недоречен. Да ги решиме правата и обврските на уметниците. Се надевам дека за многу брзо време ќе наидеме на разбирање сите засегнати страни и ќе донесеме нов колективен договор што ќе биде корисен за сите“,
рече Љутков.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања, посочи дека исплатата на платите во културата се врши согласно Колективниот договор, иако тој бил потпишан од министер без согласност од Министерството за финансии и е истечен.
„Но, и покрај тоа што е така, ние ги исплативме платите со зголемување, согласно Колективниот договор. Подготвени сме да седнеме со претставниците на синдикатите да преговараме за нов, во кој културата ќе добие вистински културен сјај“,
рече Мицкоски.
Потврда дека до крајот на денот сите културни установи и вработени ќе добијат плата од собраниската говорница стигна и од заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски. Тој, одговарајќи на прашање од пратеничката и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дали е точно дека проблемот со исплаќањето плати на културните работници бил во Министерството за финансии, рече дека проблемот со доцнењето на платите се повторува неколку години наназад.
„Исплатени се околу 87 милиони денари за плати, до крајот на денот ќе бидат исплатени сите културни установи, сите вработени ќе земат соодветна плата. Овој проблем се повторува неколку години наназад. Каде бевте вие како министер во тој момент да кажете што е проблемот“,
рече Јанкуловски обраќајќи ѝ се на Костадиновска-Стојчевска.
Поради доцнењето на платата за март, СКРМ претходно одржа протестен совет, барајќи достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори и транспарентно управување.
Поддршка на СКРМ даде и Сојузот на синдикатите на Македонија, а претседателот на СОНК, Јаким Неделков, побара средба со министерот Љутков, најавувајќи можност за штрајк доколку не се почитуваат нивните барања.