Опозициската партија обвини дека македонскиот конзулат во Њу Џерси работи само четири часа неделно – по два часа во вторник и во четврток – и дека на овој начин македонската дијаспора институционално се запоставува
Министерството за надворешни работи и надворешната трговија ги оцени за паушални и неточни наводите на опозициската партија Левица, која обвини дека македонскиот конзулат во Њу Џерси работи само четири часа неделно – по два часа во вторник и во четврток. Партијата обвини дека на овој начин македонската дијаспора институционално се запоставува, соочувајќи се со ограничени услуги во конзулатот.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија категорично ги демантира неточните информации изнесени од страна на политичката партија Левица, поврзани со работењето на Конзулатот на Република Северна Македонија во Њу Џерси. Дипломатско-конзуларното претставништво функционира со редовно работно време и е целосно на располагање за сите услуги и потреби на македонската дијаспора во САД“,
се наведува во соопштението на МНР.
Претходно денеска Левица обвини дека македонскиот конзулат во Њу Џерси работи само четири часа во неделата и побара одговор од МНР зошто институцијата практично не функционира.
„Овој однос на македонско конзуларно претставништво во светот не е единствен. Честопати се регистрира и во други држави и не е мал бројот на наши сограѓани кои очајуваат поради нефункционални веб-сајтови, неодговарање на телефон во работно време и патувања на празно зашто работното време е или недоволно или неправилно означено“,
обвинија од Левица.