Таравари посочи дека во моментов не сака да дава прогнози, туку да носи оправдани одлуки, и дека доколку ВЛЕН остане на своите позиции, АА ќе ги разгледа опциите за своите кандидати за градоначалници

Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Таравари вели дека премиерот е тој што формира Влада и никој друг нема право да кажува освен него.
Изјавата на Таравари доаѓа откако прашањето за неговото место во Владата се отвори по несогласувањата со другите партнери во коалицијата ВЛЕН, односно по одлуката на Алијанса за Албанците (АА) на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници.
На прашањето дали излегувањето од коалицијата ВЛЕН значи и излез од Владата, Таравари одговори дека тоа не мора да значи.
„Владата ја прави премиерот, ние сме разговарале со него и повторно ќе разговараме, доколку тој смета дека АА не треба, ние немаме никаков проблем“,
рече денеска Таравари при посетата на кумановската болница.
Сепак, Таравари смета дека АА во моментов треба да биде дел од Владата, но повтори дека крајната одлука е на премиерот.
Тој најави дека ќе имаат средба и комуникација со премиерот во следните денови и повторно апелираше на рационалност и избегнување брзи одлуки.
Алијанса за Албанците, рече Таравари, одлучи да излезе со сопствени листи за советници, слично како и партијата ЗНАМ, но најави меѓусебна политичка поддршка со ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на АА, Арбен Таравари, изјави дека и на ВЛЕН им било кажано дека како партија ќе излезат со свои листи за советници и оти може да соработуваат доколку се подготвени. Тој рече дека забележал емоционални реакции од страна на оние што останале во ВЛЕН и апелираше на внимателност, разумност и рационалност во овој период на политички одлуки.
„Овој период треба да бидеме многу внимателни, многу умни и да се обидеме да бидеме што порационални бидејќи се работи за политика“,
рече Таравари.
Таравари посочи дека во моментов не сака да дава прогнози, туку да носи оправдани одлуки, и дека доколку ВЛЕН остане на своите позиции, АА ќе ги разгледа опциите за свои кандидати за градоначалници.
Околу прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците ќе останат во Владата, вчера од „Илинденска“ број 2 рекоа дека премиерот Христијан Мицкоски во моментов има редовна комуникација со членовите на Владата и оти средба со лидерот на АА се очекува да има по 1 мај.
Вчера и вицепремиерот и министер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, изјави дека членовите на Владата од Алијанса за Албанците на Таравари засега остануваат во владиниот тим и дека нивната работа во извршната власт продолжува нормално.