Неофицијално, станува збор за злоупотреби при остварување права на надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија, а со предистрагата се опфатени неколку десетици осомничени

На повеќе локации низ државата, Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска спроведува акција која е под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според информациите од ОЈО ГОКК и од МВР, станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство.
Поради обемот на акцијата, повеќе информации од ОЈО ГОКК велат дека ќе бидат споделени по завршување на акцијата.
Неофицијално, станува збор за злоупотреби при остварување права на надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија.
Со акцијата, како што неофицијално дознаваме, опфатени се неколку десетици осомничени, а станува збор за предмет што ОЈО ГОКК го има работено подолг временски период. Во предистрагата користени се посебни истражни мерки со кои биле регистрирани директни контакти меѓу осомничените и примање и давање поткуп.