„Лицата С.Ф. (28) и А.С. (48), двајцата од Прилеп се сомничат дека предизвикале пожар на градската депонија во Демир Хисар, а при преглед кај нив се пронајдени предмети со кои го предизвикале пожарот“, наведуваат од МВР
Пожарот на градската депонија во Демир Хисар изби вчера попладне околу 13 часот
Полицијата од Демир Хисар вчера попладне привела две лица – С.Ф. (28) и А.С. (48), двајцата од Прилеп – кои се осомничени дека го предизвикале вчерашниот пожар на градската депонија во Демир Хисар.

„Лишени се од слобода поради сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност по член 288 од Кривичниот законик. Се сомничат дека предизвикале пожар на градската депонија во Демир Хисар, а при преглед кај нив се пронајдени предмети со кои го предизвикале пожарот“,
наведуваат од МВР.
По документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Пожарот на градската депонија во Демир Хисар изби вчера околу 13 часот. Пожарот го гасеа петмина пожарникари од Територијалната противпожарна единица Демир Хисар со две противпожарни возила, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ со пет работници и една градежна машина.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава информира дека пожарот, во кој биле зафатени автомобилски гуми, засега е под контрола, но сè уште е активен и ќе се гаси и во текот на денешниот ден.