Оттаму бараат одговор од министерот Љутков за тоа дали овој напад врз Колективниот договор е подготовка за ново кратење на правата на вработените во културата по партиски терк

Директен напад врз правата и достоинството на сите културни работници во државата – вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја оценува вчерашната изјава на министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој во телевизиско гостување рече дека досега секое исплаќање на плата било незаконско.
„Колективниот договор не е проблем, туку потреба за работниците и претставува законска обврска. Договорот е резултат на борба на работниците, на дијалог, но и праведна политика во време кога СДСМ беше на власт, во време кога платите во културата беа покачени, а се исплаќаа навремено, редовно и со почитување на сите права на вработените“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од СДСМ велат дека никој нема понесено одговорност за тоа што културните работници немаат земено мартовска плата, не се почитуваат договорените услови и нема покачени плати.
„За Љутков и министрите во владата папаја, манго и аспарагус, а за вработените во културата нема плата. Ова не е грешка, ова е последица на неспособност, расипничко трошење и целосно потфрлање на министерот Љутков и владата на ДПМНЕ“,
додаваат од СДСМ.
Оттаму бараат одговор од министерот Љутков за тоа дали овој напад врз колективниот договор е подготовка за ново кратење на правата на вработените во културата по партиски терк.
Љутков, додаваат од СДСМ, треба да излезе и да им се извини на сите културни работници, неговата неспособност не е никакво оправдување.
Од СДСМ велат дека бараат целосна исплата на мартовската плата, покачена според колективниот договор за културните работници и негово целосно почитување.
Вчера министерот Љутков, говорејќи за начинот на кој сега ќе се исплаќа платата, рече дека досега секое исплаќање било незаконско зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значело дека треба сами да си ги обезбедат средствата од внатре. Љутков додаде дека како резултат на тоа се намалувала продукцијата, немало средства за капитални ни за обични инвестиции.
По изјавата на Љутков, од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) рекоа дека насоките што ги добиле директорите во институциите за изготвување на мартовската плата за вработените во културата се спротивни на Колективните договори.
СКРМ ги негира тврдењата на Љутков, кој го проблематизира колективниот договор потпишан пред тој да стане министер бидејќи, како што рече, за него немало согласност од Министерството за финансии. Синдикатот го упати министерот да ја прочита одлуката од Уставниот суд што е објавена во „Службен весник“ од 30.10.2024 година, „каде што јасно стои дека таква согласност не е потребна“.