„Се прашуваме, дали ако целта на синдикалната минимална кошница е да ја покаже реалната состојба и да изврши притисок за потребата од зголемување на платите на работниците, дали целта на владината просечна кошница е да покаже дека не треба да има зголемување на платите и дека македонскиот работник и со вака ниските плати живее добро?“, прашуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија
За покривање на минималната синдикална кошница не се доволни две и пол минимални плати во државава, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму денеска ја соопштија вредноста на минималната кошница за април, која изнесува 62 691 денар, за 836 денари повеќе во споредба со трошоците за живот пресметани во март.

Во минималната априлска кошница, најмногу или 21 480 денари (34,3%) од буџетот се издвоени за храна и пијалаци. За облека и обувки се издвоени 5 634 денари (9,0%), за станарина, вода, електрична енергија и греење 6 096 денари (9,7%), за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2 455 денари (3,9%).
Исто така, во априлската кошница за здравје се издвоени 1 136 денари (1,8%), за транспорт 4 615 денари (7,4%), за комуникации 3 417 денари (5,5%), за рекреација и култура 5 592 денари (8,9%), за образование 7 036 денари (11,2%), за ресторани и хотели 4 131 денари (6,6%) и за останати стоки и услуги 1 100 денари (1,8%).
Од Сојузот на синдикати на Македонија се осврнуваат и на владината мерка за ограничување на трговските маржи, кои, како што велат, имаа половичен ефект. Според ССМ намалувањето на цените на основните прехранбени производи со мерката изнесува само 6,78 проценти.
Оттаму го повторуваат и нивното барање што го изнесоа и на неодамнешниот протест во Скопје за зголемување на минималната плата за најмалку 500 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.
„Евидентно од вредноста на синдикалната минимална кошница е дека мерките се потребни и истите задолжително мора да траат подолг временски период, но поради нефер трговските практики на дел од трговците, последната мерка на Владата за ограничување на маржите за најмалку 10 отсто даде половичен ефект. Измерено преку оние 63 основни прехранбени производи кои се дел од Синдикалната минимална кошница, евидентирано е намалување на делот од храната и пијалаците само за 6,78 проценти во месец март, но граѓаните и работниците оправдано реагираат дека тоа не е доволно, односно нема видлив ефект и дека цените се или исти или се зголемени“,
се наведува во соопштението од ССМ.
Оттаму велат дека фактот што две и пол минимални плати не ја покриваат вредноста на синдикалната минимална кошница го прави реално и оправдано барањето за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра.
„Се прашуваме, дали ако целта на синдикалната минимална кошница е да ја покаже реалната состојба и да изврши притисок за потребата од зголемување на платите на работниците, дали целта на владината просечна кошница е да покаже дека не треба да има зголемување на платите и дека македонскиот работник и со вака ниските плати живее добро?“,
прашуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Прашањето на ССМ се однесува на најавата на Владата дека и таа ќе пресметува потрошувачка кошница, но за разлика од синдикалната која се нарекува минимална, владината ќе биде просечна и наместо за четиричлено ќе се однесува на тричлено семејство.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески неодамна изјави дека просечната потрошувачка кошничка ќе биде презентирана до крајот на месецов и во неа нема да има алкохол, цигари, летување во странство и овошја што не се карактеристични за одредена сезона, бидејќи, како што кажа, тоа го сметаат за луксуз. Ристески наведе и дека производите во кошничката ќе бидат сезонски, а податоците ќе се земаат од маркети во кои има високи, средни и најниски цени, како и од пазарите и локални маркети од различни региони.
Заменик-министерот рече дека тие како Влада не ја оспоруваат минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува ССМ и дека имаат иста цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓутоа, како што рече, просечната потрошувачка кошничка е врз база на релевантни податоци и политики.