Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој исто така беше присутен на протестниот совет, изјави дека им даваат целосна и безрезервна поддршка на СКРМ и на културните работници
Културата нема да молчи и да се плаши – порачаа културните работници од денешниот протестен совет на Синдикатот на култура одржан пред просториите на Министерството за култура во Скопје. Тие побараа почитување на колективниот договор, редовна исплата на платите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции.

На собирот тие побараа и стратегија за развој на културата и закон за култура во чие изготвување ќе земат учество, како и соодветни унапредувања на вработените и валоризација на стручните звања.
„Стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме! Мораме, затоа што предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно нѐ доведува овде, на раб на трпението и достоинството. Групата од само пет суперхерои, кои себеси гордо се нарекуваат министерство храбро се бореа да зачуваат една специфична традиција – традиција на протести во април на културните работници. Тие во името на правдата најноншалантно и тотално неодговорно, се понесоа кон вработените во институциите, не давајќи им никакви навремени насоки за постапување при новите пресметки на плата, најверојатно да го уживаат самиот чин на воајерство на празните трпези за Велигден на над 3 000 вработени, притоа знаејќи ја цената, но не и штетата на направеното!“,
порачаа Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура.
Непочитувањето на колективниот договор, порача Атанасовска, е непочитување на човекот.
„Кога конечно постои договор и јасни правила на игра – одеднаш имаме проблем? Одложената примена од седум месеци на членот 65 за платите во културата од колективниот договор, притисокот по тие месеци повторно да се откажеме од платата, двомесечното неисплаќање на плата и здравствено осигурување во време на пандемија, континуираното прекршување на одредбите од колективниот договор од страна на институциите и непочитувањето на заклучоците на Комисијата за следење на примената и толкување на колективниот договор, не беше проблем. Ама затоа почитувањето на колективниот договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард е проблем. И сега имаме ситуација на потпишан, признат и уставно потврден колективен договор, преќутно меѓусебе, зад затворени врати, да се прогласува, де за ‘неуставен’, де за ‘незаконски’. Тоа не е само административна измама – тоа е правно и морално предавство. Ова не е техничко прашање – ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата“,
додаде претседателка на Синдикатот за култура.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој исто така беше присутен на протестниот совет, изјави дека им даваат целосна и безрезервна поддршка на СКРМ и на културните работници.
„ССМ дава целосна и безрезервна поддршка на СКРМ и на културните работници. Мене ми е жал што министерот до вчера стоеше рамо до рамо со вас, како работник, меѓутоа како министер со 79 проценти зголемена плата се бори против вашите плати предвидени според колективните договори, што лично сметам дека е срамно“,
рече Трендафилов.