Платформата смета дека предлог-решенијата кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, се неприфатливи и спротивни на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики
Наместо да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со препораките за „регулаторни ризици“ во Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на Законот за слободен пристап од информации, испраќа серизоно загрозувачки сигнали за затворање на институциите и креира можности за ограничување на правото на јавноста да знае. Ова е денешната реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата за препораките на ДКСК за антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Оттаму додаваат дека ваквите препораки ја поткопуваат улогата на Комисијата, како клучна институција за спроведување на корупцијата, но и директно отвораат простор за нови коруптивни злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки.

Како што велат од Платформата, ДКСК препорачува „да се преиспита членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки“. Со тоа, граѓанските организации сметаат дека намалената транспарентност носи ризици од коруптивни и штетни јавни набавки.
„Примената на одредбата од Законот за слободен пристап за пристап до целокупната документација за јавните набавки, концесиите и за договорите за јавно-приватно партнерство (член 10 став 1 алинеја 18) до сега во примената овозможувала зголемена транспарентност и пристап до релевантни документи од страна на граѓанските организации и медиуми. На овој начин беа обелоденети сторени злоупотреби во голем број на тендерски постапки за кои се водат судски постапки, но и се спречени можни коруптивни и штетни јавни набавки“,
пишува во реакцијата на Платформата.
Оттаму сметаат и дека ДКСК треба да земе предвид дека заштитата на доверливите податоци во јавните набавки веќе е регулирана во Законот за јавни набавки, како и дека во Законот за слободен пристап уреден е делумен пристап.
Препораката на ДКСК за пропишување и допрецизирање на постапката, како и утврдување рок за Собранието во случаите кога констатира престанок на функцијата и разрешување на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговиот заменик, пред истекот на мандатот, според Платформата, е политички мотивирана.
„За дадената препорака веќе е регулирано во Законот за слободен пристап дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на директорот на Агенцијата, до изборот на нов директор на Агенцијата, функцијата на директор на Агенцијата, ја врши заменикот на директорот, со сите овластувања кои ги имал директорот. Така што не може единствен аргумент за оваа препорака на ДКСК да биде евентуално одолговлекување, селективност и неизвесност во управувањето со институцијата“,
посочуваат граѓанските организации.
Платформата е загрижена што ДКСК нашла ризик од ограничена транспарентност во услови кога во Законот за слободен пристап е утврдена формата за објавување на информациите и документите.
„Загрижува непознавањето на проблематиката од страна на ДКСК кога вели дека ‘нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени‘. Законот за слободен пристап уредил дека сите информации кои ги создаваат и со кои располагаат институциите, освен исклучоците (член 6) се информации од јавен карактер. Дури има предвидено и институт на ‘активна транспарентност‘, а тоа значи утврдени се информации кои задолжително треба да објавени без да бидат побарани. Какви критериуми препорачува ДКСК е нејасно, а уште повеќе загрижува што зборуваат за формат не земајќи го предвид најавениот почеток на процесот за подготовка на Законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор“,
реагираат организациите.
За Платформата е индикативно што ДКСК посочува на наводни „регулаторни ризици“ во Законот за слободен пристап, за кој е најавен почеток за изменување на Законот пред 5 месеци, односно на 21 ноември 2024 година, а во моментот се одвиваат јавни консултации преку ЕНЕР за предложените измени.
„ДКСК посочила на несразмерност во одговорноста на одговорните и службените лица, но отсуствуваат предлози што конкретно препорачува. Укажуваме дека граѓанското општество со години наназад се залага за постоење одредби за прекршочна одговорност на одговорните лица кои неосновано не овозможат пристап до информациите или го попречуваат службеното лице да го спроведе второстепеното решени за обезбедување пристап до информациите“,
велат од Платформата.
Со тоа, Платформата смета дека предлог-решенијата кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, се неприфатливи и спротивни на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
Ги повикуваат надлежните институции, особено Министерството за правда и Собранието, да ги земат предвид постојните законски механизми и да не подлегнуваат на насоки што ја ограничуваат транспарентноста, која е клучна алатка во борбата против корупцијата.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на седница одржана на 15 април утврди регулаторни ризици во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Препорача да се преиспита членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки согласно Законот за јавни набавки кој предвидува објавување релевантни документи, како и да се допрецизира постапката за констатирање престанок на функцијата на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговиот заменик.