Според потпретседателката на Бугарија, која денеска ќе има средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос, прашањето за спорот меѓу Софија и Скопје се искривува и во Бугарија и на европска сцена
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, денеска ќе ја има својата прва средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос, која е во официјална посета на Софија.

Главната тема на која ќе разговараат, според изјавата на Јотова, но и според настанот на чие отворање ќе присуствуваат – Форумот „Европската Унија се среќава со Балакнот“, ќе биде проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
„Ова ќе биде моја прва средба со комесарот Кос. Сакаме да слушнеме од неа каква е визијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Моја опсервација е дека оваа тема е целосно напуштена во последните месеци“, изјави бугарската потпретседателка пред почетокот на форумот“,
пренесе БНТ.
Одговарајќи на новинарски прашања, Јотова потврди дека на средбата ќе го соопшти и ставот на Бугарија во однос на Република Северна Македонија.
Според Јотова, дебатата околу ова прашање се искривува и во Бугарија и на европската сцена.
Прашана како се искривува, бугарската претседателка вели дека има обиди од Скопје кои настојуваат барањата на Бугарија да ги стават во билатерална блокада.
„Според мене, оваа дебата се искривува и кај нас во Бугарија и на европската сцена. Има обид на нашите колеги од РСМ да ги претстават нормалните барања на Бугарија – почитување на европските критериуми – како каприц од наша страна, а дополнително се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е точно“,
вели потпретседателката на Бугарија.
Еврокомесарката Марта Кос, која е во официјална посета на Бугарија, имаше средба и прес-конференција со премиерот на земјата, Росен Желјазков, на која беше афирмирана заложбата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
„Бугарската позиција е јасна и конзистентна. Го поддржуваме европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, водени од принципите на индивидуален пристап и постигнатиот напредок. „Денес, кога Европа се соочува со нови предизвици, воени конфликти, хибридни закани, миграциски притисок и енергетска несигурност, интеграцијата на Западен Балкан не е само можност, туку и одговорност од особено значење за Бугарија и бугарската влада“,
рече премиерот Росен Желјазков, пренесе БНТ.
Еврокомесарката Кос рече дека проширувањето на Унијата е стратешка цел Европската комисија и оти ѝ е благодарна на Бугарија за нејзината доследна поддршка на оваа визија, која ги вклучува сите земји од Западен Балкан, но и Украина и Молдавија, а зошто да не и Исланд, додаде таа.
„Треба да го надминеме заморот на оваа тема, поради што Комисијата се стреми да ги олесни и забрза пристапните преговори“,
рече еврокомесарката.
Инаку, во пресрет на посетата на Софија, еврокомесарката за проширување во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) изјави дека ако сега го смени Уставот, никој не може да ѝ даде гаранции на С Македонија оти веќе нема да има пречки на европскиот пат.
Прашањето на кое одговара Кос, дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, доаѓа по неодамнешната изјава на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, кој рече дека уставните измени се прв, но не и единствен услов С Македонија да ги почне преговорите по поглавја и кластери со Унијата.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по сè она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“,
рече Кос.
Сепак, таа додаде дека тоа не значи дека Европската комисија (ЕК) не работи да ѝ помогне на С Македонија да ги започне преговорите по кластери и во тој контекст потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и оти заминува во Софија на средби со бугарски политичари. По ова, како што најавува, ќе следат контакти и со политичарите во земјава.
Според еврокомесарката, најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во процесот на пристапување во Унијата, но тоа, како што додава, не значи дека билатералните прашања не се важни.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа, ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.