Од Обвинителството велат дека го имале предвид мислењето што Судскиот совет го изнесе во врска со овој предмет, пред тој да биде правосилно завршен, но ставот на надлежниот обвинител е дека сепак има простор за корекција на санкцијата
Дополнително, како што додаваат оттаму, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено се обратило до ОЈО Тетово со барање да ја обжали пресудата
Основното јавно обвинителство Тетово бара повисока казна за обвинетиот Менсур Пајазити кој на почетокот на месецов беше осуден на две години затвор за сообраќајната несреќа во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска.

Пресудата што ја одреди судијата Елмедин Ферати во повторениот судски процес, кој почна и заврши на 7 април предизвикаа жестоки реакции во јавноста, конкретно околу висината на одредената казна.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека надлежното Обвинителство во Тетово изјавило жалба на донесената пресуда, која се однесува токму на висината на кривичната санкција.
Според обвинителот, како што се наведува во соопштението, изречената казна е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.
„Меѓу околностите поради кои Обвинителството бара построга казна се особено тешките последици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина“,
се вели во соопштението.
Дополнително, од Обвинителството велат дека го имале предвид мислењето што Судскиот совет го изнесе во врска со овој предмет, пред тој да биде правосилно завршен, но ставот на надлежниот обвинител е дека сепак има простор за корекција на санкцијата.
Оттаму наведуваат и дека Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишната затворска казна за обвинетиот Менсур Пајазити.
„Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока“,
велат од Јавното обвинителството.
Дополнително, како што додаваат оттаму, и семејството на жртвата, кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено се обратило до Обвинителството за да побара да ја обжали пресудата.

Пресудата на судијата Елведин Ферати, кој го осуди Пајазити на две години затвор за прегазувањето на Теодора Ристовска пред речиси три години, предизвика бурни реакции во јавноста, од кои дел се однесуваа и на интегритетот на судијата, поради што предметот беше на увид и во Судскиот совет.
Ова тело, задолжено за избор, оценување и разрешување на судии, формира работна комисија од тројца членови кои го анализираа постапувањето на судијата Ферати.
Заклучокот што го објави Советот беше дека судијата не можел да досуди повисока казна затоа што тоа го забранува членот 428 од Законот за кривична постапка, во кој се вели дека:
„Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“
Имено, како што соопштија од Судскиот совет, Менсур Пајазити во првиот судски процес пред Основниот суд во Тетово, за прегазувањето на младата Теодора Ристовска со првостепена пресуда е осуден на три години и шест месеци затвор. Тоа било на 30 ноември 2023 година.
Казната на две години потоа ја намалил Апелацискиот суд во Гостивар во жалбената постапка што ја иницирал обвинетиот преку својот бранител. Во текот на второстепената постапка, Вишото јавно обвинителство Гостивар предложило жалбата на Пајазити да се одбие како неоснована, но на јавната седница го сменила предлогот и излегла со нов – да се уважи жалбата и на обвинетиот да му се изрече поблага кривична санкција.
Апелација по ова му пресудува две години затвор на Пајазити, но тој поднесува барање до Врховниот суд за преиспитување на првостепената пресуда на Основниот суд Тетово од 30 ноември 2023 година и на пресудата на гостиварска Апелација од 16 април, лани.
Врховниот суд одлучува да ги укине двете пресуди и предметот да го врати на повторно судење во Основниот суд во Тетово, каде во повторениот судски процес, кој почна и заврши на 7 април на Менсур Пајазити, судијата Ферати му пресуди две години затвор.

Во врска со околноста што беше наведена од Судскиот совет дека Вишото јавно обвинителство Гостивар во жалбата постапка пред Апелацискиот суд во Гостивар го сменило првичниот предлог и побарало на обвинетиот да му се изрече поблага казна, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека побарал увид во предметот.
За потсетување, обвинетиот Менсур Пајазити беше осуден за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според ставот 4 од овој член од Кривичниот законик предвидената казна за ова кривично дело се движи од една до пет години затвор.