„Се издаваат барања за дополнителни проверки, анализи и наредби за вештачења на околности кои ги испитуваат и утврдуваат вештите лица“, наведуваат од Обвинителството
Иако увидот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани е формално завршен, и натаму трае процесот на прибирање докази. За ова денеска информираа од Јавното обвинителство посочувајќи дека вештите лица кои вршат испитувања и анализи за потребите на постапката, по наредба на јавен обвинител преземаат дополнителни дејствија на местото на несреќата со цел темелна проверка и согледување на сите околности при пожарот.

„Со таа цел, објектот сè уште е обезбеден и локацијата детално се прегледува. Се издаваат барања за дополнителни проверки, анализи и наредби за вештачења на околности кои ги испитуваат и утврдуваат вештите лица“,
наведуваат од Обвинителството.
Дополнително, како што додаваат од Обвинителството, за потребите на постапката досега се издадени наредби за анализа на податоци од над 70 мобилни телефони и 30-ина десктоп и лаптоп-компјутери.
„Дел од обвинителите кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека ‘Пулс’, како и јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска одржаа состанок со стручни лица од повеќе области со цел планирање и координација на следните активности за обезбедување докази“,
додаваат од Обвинителството.