Судијата Ивица Стефановски рече дека досега немало одложувања во динамиката на судењето и има разбирање за денешната отстапка, но оти нема да дозволи тоа да се повтори. Рече дека доколку идентична ситуација се повтори во иднина, на Палевски ќе му назначи адвокат по службена должност
Главната расправа од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски ќе продолжи на 23 април. Рочиштето кое требаше да се одржи денеска е одложено поради здравствени проблеми на бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски, адвокатот Јовица Страшевски.

Како што соопшти судијата Ивица Стрефановски кој го води предметот, адвокатот утрово пред почетокот на рочиштето доставил медицинска документација и побарал одложување на главната расправа.
Страшевски доставил медицински упат со датум од завчера, 14 април и лекарски извештај од 15 април, дополнително наведувајќи ги датумите кога не може да дојде на судење.
Судијата Стефановски рече дека досега немало одложувања во динамиката на судењето и има разбирање за денешната отстапка, но оти нема да дозволи тоа да се повтори.
„Доколку се случи уште еднаш вакво нешто, ќе поставам бранител по службена должност“,
рече судијата Стефановски.
Инаку, судењето треба да продолжи со исказот на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. Тој на претходното рочиште, што се одржа пред два дена, одговараше на директни прашања на неговиот адвокат во врска со тоа што правел на 22 ноември, кога е убиен Панче Жежовски, како и за престојот во Србија и Турција.
Палевски негираше вмешаност во грозоморните убиства и кажа дека ако сакал да оствари некакво користољубие тоа ќе го сторел со уцена на, како што кажа, милијардери со „ферари“, но не го сторил тоа.
На следното рочиште Страшевски треба да продолжи со директно испрашување на неговиот клиент, кој треба да раскаже што правел на 27 ноември 2023 година, денот кога беше убиена Вања.
Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.
Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.
Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Грабнувањето Панче Жежовски во Велес, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.