Владејачката партија прашува дали ваква виза поседува и актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение прашува на кој начин поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, стигнал до златна виза во Дубаи и дали ваква виза поседува и актуелниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче.

„Нема ниту еден демант ниту, пак, реакција од СДС да кажат кој е патот до поседување на златна виза во Дубаи. Да објаснат на кој начин и со кои инвестиции има златна виза во Дубаи семејството Заеви? Како со административна плата, па бил и премиер, Заев стигнал до златна виза во Дубаи? Колку милиони чини и на кој начин се стекнати? Дали е точно дека со оваа афера е поврзан и лидерот на опозиција и привремен чувар на местото претседател на СДС, Венко Филипче. Дали Венко Филипче поседува виза за Дубаи? На кој начин ја стекна, имајќи во предвид дека цел живот е на административна плата без ден работен стаж во приватен бизнис?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ги обвини оти додека велеле дека ја спасуваат Македонија, тие ги спасувале милионите.
Инаку, во својата најосновна форма, стекнувањето златна виза вообичаено е поврзано со престој преку инвестирање и го означува процесот со кој на инвеститорите им се доделуваат права на престој во замена за дефиниран економски придонес за земјата домаќин.