Апелацискиот суд во Скопје одлучи да не го прифати барањето за изземање тројца од петтемина судии кои се дел од советот кој постапува по жалбите за предметот „27 април“.
Денеска за овој случај во второстепениот суд се одржува јавна седница, но уште на самиот старт таа беше прекината бидејќи тројца адвокати побараа судиите Јани Нича, Тања Дуковска и Енвер Беџети да бидат изземени. Причината за ваквото барање тие ја образложија со тоа што овие судии биле дел од совети кои одлучувале за жалбите за притворите, за понудените гаранции и за жалбите за одбиената амнестија на дел од обвинетите во овој предмет, па затоа одбраната беше на став дека судиите имаат веќе оформено мислење за случајот.
Адвокатот Звонко Давидовиќ изјави дека законот е многу јасен и во него стои дека ако судија во истиот суд решава и донел одлука што може да се побива со жалба, во тој случај не може да биде судија во предметот.
„Во два наврата Нича и Беџети беа судии, ние ги побивавме по жалба на суд, еднаш за гаранција, еднаш за продолжување на притворот и сметам дека законот не за џабе ова го предвидел, затоа што во образложение на решенијата го третираат кривичното дело, значи тежина на кривичното дело, политичката мотивираност и така натаму, што покажува дека веќе имаат свој став и свое формирано мислење што е недозволиво пред да решат по жалбата“,
образложи Давидовиќ.
Обвинителството има жалба токму за ослободителната за Дурловски, додека одбраната на останатите обвинети, пак, со жалбите бара укинување на пресудата и повторно судење поради, меѓудругото, квалификацијата на делото како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Пресудата со вкупно 211 години затвор за 16 обвинети беше донесена во март лани од судечки совет во Основниот кривичен суд со кој претседаваше судијката Добрила Кацарска. Највисока казна со првостепената пресуда тогаш доби ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, 18 години.
15 лица кои беа на обвинителна клупа во овој предмет беа амнестирани со Законот за амнестија кој го донесе Собранието во декември 2018.
Поради обемноста на предметот, јавната расправа ќе трае до петок.