„Нашето општество и нашиот политички естаблишмент, од влада до опозиција, се екстремно проевропски. И општеството сака да се придвижи кон членство во ЕУ. Но, една од работите што се случуваат кога нема јасност во информациите што доаѓаат од Европската унија и од земјите-членки, особено во нашиот пример, е што руското влијание го користи тоа“, вели министерот

Годинава имаме отрезнувачка годишнина – 20 години откако го добивме кандидатскиот статус за членство во ЕУ, а овој клучен надворешно-политички приоритет на земјата не е исполнет, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за телевизијата Еуроњуз.
Муцунски додаде дека во тие 20 години ЕУ се прошири и доби нови членки. Тој потсети дека Македонија го почнала процесот на стабилизација и асоцијација заедно со Хрватска, која веќе е членка не само на ЕУ, туку и на Шенген-зоната и на еврозоната, а нашата земја ги нема почнато ниту преговорите.
„Секако, имало и вина кај некои влади, во смисла на неисполнување на условите во одредени области, без сомнение. Но, исто така е факт дека сме жртва на преголема билатерализација на европскиот процес. Наместо да се фокусираме на критериумите и на заслугите, ние се фокусираме на билатерални прашања што немаат ништо заедничко со суштината на патот на нашата земја кон членство во ЕУ“,
рече Муцунски во интервјуто.
Прашан кога земјата ќе ги усвои уставните измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот, што е услов за почеток на преговорите, тој одговори дека ова прашање е поголемо. Потсети дека земјата досега направи многу тешки компромиси, го смени знамето, парите, неколку пати го менуваше Уставот, го смени и името, само затоа што и било кажувано дека постои прозорец на можности што треба да се искористи за членство во ЕУ.
„Затоа, прашањето и дилемата што им ги поставуваме и на европските институции и на земјите членки е – што ќе биде последниот компромис? Знаеме ли дека, ако се направат уставните измени, по шест месеци или по една година нема да има уште некое вето поради билатерално прашање? Зошто го поставуваме ова прашање? Прво, за да си ги заштитиме нашите национални интереси. Да не дозволиме прашањата како нашиот јазик, историја и идентитет да го кочат нашиот евроинтеграциски процес. Но, исто така, за да се заштити кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ во целиот регион. Бидејќи има малигни фактори таму што покажуваат со прст кон ЕУ и викаат – дали навистина мислите дека ЕУ е чесна во своите намери за проширување? Видете што им направи на Македонците“,
додаде Муцунски.
Малигното руско влијание во регионот, според министерот, е една од многуте причини поради кои треба да има интеграција во ЕУ. Ова влијание, како што додаде тој, доаѓа за евтини пари, преку мешавина од конвенционални методи, искористувајќи го тоа што Европската Унија не го испорачува тоа што регионот го очекува.
„Нашето општество и нашиот политички естаблишмент, од влада до опозиција, се екстремно проевропски. И општеството сака да се придвижи кон членство во ЕУ. Но, една од работите што се случуваат кога нема јасност во информациите што доаѓаат од Европската унија и од земјите-членки, особено во нашиот пример, е што руското влијание го користи тоа. Тие велат – слушајте, ЕУ не е чесна, никогаш нема да го интегрира регионот. И ако не се испорача ништо кредибилно од другата страна, тогаш тоа е битка што про-ЕУ силите во земјата мора да ја водат против сите овие различни сфери на влијание што постојат и што можат да го искористат тоа. И мислам дека една од причините зошто ЕУ мора да биде брза во испорачувањето кон регионот и да покаже дека има јасност во процесот, дека има стратешка визија“,
рече министерот во интервјуто.
Тој беше прашан и за односот на актуелната влада кон Преспанскиот договор, за тоа дали ова прашање е затворено или повторно има проблеми со оглед дека некои министри не го користат името Северна Македонија. Одговори дека како поединец, ако се изземе од својата функција, никогаш не би кажал дека договорот од Преспа е добар или дека преименувањето на земјата било фер, но како министер знае дека договорите треба да се почитуваат.
„Ние сме држава што ќе ги почитува обврските, но и држава што очекува нејзините партнери, нејзините соседи во регионот, исто така да си ги почитуваат обврските од тие договори, што ги имаат кон нас“,
рече Муцунски.
Министерот Муцунски овие два дена учествува на 10. издание на „Делфи економскиот форум“, што оваа година се одржува од 9 до 12 април во градот Делфи во Грција.
На панел-дискусијата на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“ , Муцунски рече дека проширувањето на Европската унија на Западен Балкан не е неопходност за Унијата само од економски и трговски причини, туку е неопходност за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент.
Тој и во дискусијата говорел за заканите и ризиците што доаѓаат за регионот од Кина, Русија, Северна Кореа, Иран.
Денеска Муцунски информираше дека остварил средба со неговиот колега, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на маргините на „Делфи економскиот форум“ во Грција.