Со олабавувањето на рестрикциите, граѓаните мора да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат мерките за лична заштита и растојание, во спротивно, ќе треба повторно да се воведат рестрикции.
Ова го кажа министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното гостувањето во емисијата „200“ на телевизија Алсат.
„Сето ова се еден пакет на попуштање на рестриктивните мерки. Граѓаните мора да бидат свесни дека мора да се придржуваат до препораките, пред сè носењето на маската и одржувањето на растојанието. Не сакаме да дозволиме, заради непочитување на мерките да имаме повторен пик, којшто ќе нè врати назад кон рестриктивни мерки“,
рече Филипче.
Според него, постепеното враќање на животот во нормала мора да се спроведува преку строго придржување кон веќе утврдените правила.
„Веќе има консензус кои се тие универзални мерки кои мора да се почитуваат: маските, растојанието, честото миење на рацете и дезинфекцијата. Само со придржување до тие мерки ние може постепено да се враќаме во нормала. Алтернатива на тоа е строга рестрикција, којашто никој од нас не ја посакува“,
рече Филипче.