„Ќе имаме многу голем состанок и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека е подобро да се постигне договор отколку да се направи очигледното“, изјави синоќа американскиот претседател
Иранскиот министер за надворешни работи потврди дека средбата ќе се одржи на 12 април, но за разлика од американскиот претседател вели дека разговорите ќе бидат „индиректни“
Соединетите Американски Држави (САД) ќе одржат директни разговори со Иран во обид да ја спречат земјата во развојот на нуклеарно оружје, најави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп, истовремено предупредувајќи го Техеран дека ќе се соочи со страшни последици доколку разговорите не успеат, пренесоа светските медиуми.

Седејќи покрај израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Овалната соба, Трамп изјави дека разговорите ќе започнат претстојниот викенд, имлицирајќи, исто така, дека веќе има комуникација меѓу двете страни.
„Имаме директни разговори со Иран и тие започнаа. Ќе бидат во сабота (12 април). Ќе имаме многу голем состанок и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека е подобро да се постигне договор отколку да се направи очигледното“,
им рече Трамп на новинарите, пренесе „Гардијан“.
А, терминот „очигледно“ што го употреби Трамп се однесува на неговите закани од американски или израелски воени напади врз нуклеарните постројки на Иран, ако земјата не ја запре програмата за развој на атомска бомба.
„Значи, ќе видиме дали можеме да го избегнеме. Но, станува збор за многу опасна територија. И се надевам дека тие разговори ќе бидат успешни. И мислам дека ќе биде во најдобар интерес на Иран ако бидат успешни“,
рече тој.
Американскиот претседател не кажа повеќе детали каде ќе се одржат разговорите и кои претставници ќе бидат вклучени. Одговарајќи на новинарските прашања, тој рече дека доколку преговорите не успеат, Ран ќе биде во „голема опасност“.
„Мислам дека ако разговорите не бидат успешни со Иран… Иран ќе биде во голема опасност и мразам да го кажам тоа – затоа што тие не можат да имаат нуклеарно оружје… Тоа не е комплицирана формула. Иран не може да има нуклеарно оружје. Во моментов имаме земји кои имаат нуклеарна енергија што не би требало да ја имаат. Но, сигурен сум дека ќе можеме да преговараме и надвор од тоа како дел од ова подоцна во иднина. И, ако разговорите не бидат успешни, всушност мислам дека тоа ќе биде многу лош ден за Иран“,
изјави Трамп.
По изјавите на Трамп не се чекаше многу долго на одговор од Техеран. Тој дојде од иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арачи, кој потврди дека средбата ќе се одржи на 12 април, но за разлика од американскиот претседател, вели дека разговорите ќе бидат „индиректни“.
„Иран и САД ќе се сретнат во Оман во сабота на индиректни разговори на високо ниво…Тоа е можност колку и тест. Топката е на теренот на Америка“,
наведе шефот на иранската дипломатија во објава на Икс кратко по изјавата на Трамп.
Iran and the United States will meet in Oman on Saturday for indirect high-level talks.
— Seyed Abbas Araghchi (@araghchi) April 7, 2025
It is as much an opportunity as it is a test. The ball is in America's court.
Иран инсистира на индиректни разговори, бидејќи, како што наведува, нема да прифати директна средба сè додека е во сила кампањата на Трамп за „максимален притисок“ врз Техеран.
Нетанјаху, кој е во посета на САД, кратко ги искоментира најавите. Тој изрази поддршка за договор со Иран по примерот на оној со Либија од 2003 година, кога африканската земја се согласи да ги укине своите програми за оружје за масовно уништување.
Од друга страна Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели и претходно ја отфрли можноста за договор по моделот на Либија. Трамп претходно овој месец повика на „директни разговори“ со Техеран, велејќи дека тие се „побрзи“ во смисла на постигнување договор отколку при користењето посредници. Трамп тогаш посочи дека новиот договор со Иран може да биде „поинаков и можеби многу посилен“ од нуклеарниот договор од 2015 година.
Претходно, тој испрати писмо до врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во кое повикува на преговори и предупреди на можност од воена акција доколку дипломатијата не успее.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 5 април рече дека Техеран е подготвен за дијалог на „еднаква основа“. Следниот ден, Арагчи во изјава рече дека Техеран е подготвен за индиректни разговори.
Инаку, за време на својот прв мандат Трамп се повлече од договорот со Иран што во 2015 година го постигна неговиот претходник Барак Обама, познат како „Заеднички сеопфатен план за акција“.
Со договорот Иран требаше да добие олеснување на санкциите во замена за ограничување на активностите за збогатување ураниум. Наместо тоа, Трамп почна политика на максимален притисок кон Иран, што ги заостри економските ембарга.
Во меѓувреме, дел од критичарите велат дека Иран ја забрзал нуклеарната програма и дека е блиску до атомска бомба од било кога и да е претходно.
Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не се постигне договор за иранската нуклеарна програма, на што Техерaн предупреди дека ќе одговори „силно“ на каква било агресија.
Иран и САД немаат директни дипломатски односи од 1980 година. Врските беа прекинати по иранската исламска револуција една година претходно кога нејзини поддржувачи упаднаа во американската амбасада во Техеран и држеа 53 дипломати како заложници 444 дена.