Дури и американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди, кој се смета за познат скептик за вакцините, препорачува вакцинирање против морбили
Во Соединетите Американски Држави почина уште едно дете заразено со морбили, пренесува Ројтерс. Ова е втора жртва од епидемијата на морбили во американската сојузна држава Тексас, која се прошири и во други 22 држави.

Детето, како што информираат тамошните здравствени власти, починало поради инфекција на белите дробови. Не било вакцинирано против морбили и немало други познати претходни болести.
Дури и американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди, кој се смета за познат скептик за вакцините, препорачува вакцинирање против морбили.
Во минатото Кенеди изразуваше сомнежи за користа од вакцинирањето. Поради тоа, имаше критики за неговото назначување за министер за здравство.
На новинарско прашање за епидемијата од сипаници, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ако бројот на заразени е во пораст неговата администрација ќе мора да преземе силна акција.
Во САД од почетокот на годината има пораст на инфекции од сипаници.
Досега се пријавени 642 случаи во 22 сојузни држави, а од нив 499 се во Тексас, каде што најголем дел од заболените се деца.