Ова е најголемата мобилизација на здравствената заедница во последните пет години, односно од Парискиот климатски договор, кога над 350 светски медицински организации го потпишаа писмото во име на своите членови
Повеќе од 40 милиони лекари, техничари и друг медицински персонал од 90 земји потпишаа апел до групата најбогати земји во светот Г-20 да го стават јавното здравство во центарот на економско закрепнување по пандемијата од ковид-19, со цел да се избегнат идните кризи, објавува „Гардијан“.
Во писмото, здравствените работници предлагаат најбогатите да вложуваат повеќе во намалување на загадувањето, обезбедување чист воздух, чиста вода и стабилна клима, со цел да се зголеми отпорноста на населението против идните пандемии и, истовремено, да се креираат одржливи работни места.
„Сведоци сме од прва рака колку можат да бидат кревки заедници кога нивното здравје, безбедноста на храната и слободата да работат се прекинати од заедничка закана. Слоевите на оваа тековна трагедија се многу и се зголемени со нееднаквоста и недоволно инвестирање во јавните здравствени системи. Сведоци сме на смрт, болести и ментални нарушувања на нивоа што не се видени со децении“,
пишуваат медицинските работници.
Подобрата подготовка може да ги намали влијанијата од пандемијата ковид-19, се вели во писмото. „Ние мора да учиме од овие грешки и да се вратиме посилни, поздрави и поотпорни“, истакнуваат медицинарите.
Студиите сугерираат дека загадувањето на воздухот може да игра улога во влошување на симптомите на ковид-19 или зголемување на смртноста, иако научниците, исто така, велат дека е рано да се извлечат цврсти заклучоци за целосното влијание, пишува „Гардијан“.
„Накратко, здравјето на луѓето, економското здравје и здравјето на планетата се тесно поврзани“,
велат медицински професионалци од целиот свет.
Ова е најголемата мобилизација на здравствената заедница во последните пет години, односно од Парискиот климатски договор, кога над 350 светски медицински организации го потпишаа писмото во име на своите членови.