„Постапката за физичко обезбедување на сите центри за социјални работи и јавни установи за социјална заштита е во завршна фаза и наскоро ќе се реализира“, велат од ресорното министерство
Од кабинетот на министерот за социјална политика, демографија и млади, како и лично од министерот Фатмир Лимани не се вршеле притисоци врз вработени во центрите за социјална работа дека ќе бидат избркани доколку излезат на протест за поддршка на колешката од Прилеп, како што тоа го тврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Ова е денешната реакција од Министерството за социјална политика (МТСП), од каде што посочуваат дека правото на протест е едно од основните права на човекот и е загарантирано со меѓународни документи.

„Такво нешто не се случило. Самиот чин е недозволив и не смее да се случи. Правото на протест е уставно загарантирано право што подразбира дека граѓаните имаат право мирно да се соберат и да организираат мирни протести, митинзи и демонстрации“,
се вели во соопштението од Министерството.
Оттаму посочија и дека веќе го осудиле немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп, кога социјалната работничка беше нападната од корисник на социјални услуги со огнено оружје и се здоби со две прострелни рани.
„Постапката за физичко обезбедување на сите центри за социјални работи и јавни установи за социјална заштита е во завршна фаза и наскоро ќе се реализира“,
информираат од Министерството.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска соопшти дека вработените во центрите за социјални работи, посебно оние од Скопскиот Регион, се изложени на притисоци и закани со отпуштања или прераспределувања ако излезат јавно да и дадат поддршка на социјалната работничка од Прилеп која пред неколку дена со огнено оружје беше нападната.
„Беше замислено тука да има голем број вработени од Центарот за социјални работи кои сакаат да и дадат поддршка на колешката и да побараат од работодавачите побрзо да има мерки за заштита на безбедноста на вработените. Но, за жал, од вчера вечер, по наредба на Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјални работи, останав без колегите зашто сите се заплашени, им се закануваат дека ако излезат надвор и и дадат поддршка на колешката или побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или прераспределувани на други места“,
рече тој.
На колегите што биле заплашувани им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи бидејќи, како што рече, „никој ништо не може да им направи ниту да ги избрка од работа ако сакаат да заштитат некој колега“.