За Деаноски небулозни се изјавите на Владата дека ќе дозволи работодавачите и синдикатите да се договорат, а потоа, ако треба, ќе ја покачи минималната плата

Првпат од 2012 година е донесена одлука за минималната плата без работниците, рече денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Според Деаноски, Владата сама одлучила, без да се разговара на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и донела износ за зголемување на минималната плата од 1 800 денари.
„Првпат Владата сама си донесе одлука, првпат откога е воведена минималната плата, во 2012 година, за неа се одлучи без работниците. Имавме парола пред неколку години на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работниците, а, Владата, за жал, вчера на седница си донесе износ на минималната плата од 1 800 денари“,
додаде Деаноски.
Со ваквата одлука, како што рече Деаноски, Синдикатот на УПОЗ не е задоволен.
„Изгледа на Владата толку добро и оди што може да носи одлуки без синдикатите и работниците“,
рече Деаноски.
За Деаноски небулозни се изјавите на Владата дека ќе дозволи работодавачите и синдикатите да се договорат, а потоа, ако треба, ќе ја покачи минималната плата.
Тој вели дека ова не е покачување на плата, туку е усогласување што треба да го добијат сите работници во јавниот сектор, линеарно, со порастот на животните трошоци и порастот на просечната плата.
„Сакам да ја потсетам Владата дека е најголем работодавач во државата. Во јавниот сектор се вработени 129 илјади работници од кои минимум 25 илјади директно зависат од усогласувањето на минималната плата, што значи дека ова не е покачување на платата, ова е само усогласување што треба да го добијат сите работници во јавниот сектор, линеарно, со порастот на животните трошоци и порастот на просечната плата“,
напомена Деаноски.
Според него, не станува збор за покачување од 2 200 денари на законски предвидениот минималец како што вчера рече премиерот Христијан Мицкоски
„Не е точно дека е 2 200 денари, не знам зашто така кажа премиерот. Се донесе без да се разговара за платата на Економско-социјалниот совет, без да одлучат и работниците и работодавачите и Владата. Првпат се случува ова и, имајќи предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања и од нив не отстапуваме“,
додаде Деаноски.
Тој потсети дека УПОЗ е дел од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и ако има протести ќе учествува во нив.
„УПОЗ е дел од ССМ како грански синдикат, а се наоѓаме во иста ситуација, и ние бараме репрезентативност, но не можеме да ја добиеме. Закажана е седница на Комисијата за репрезентативност во петок, што ќе се одлучи не можеме да знаеме. Во петок е закажана и седницата на претседателството на ССМ на која ќе се одлучува за натамошните чекори. Инаку, секогаш УПОЗ излегува со ССМ и едни од најмногубројните на протестите се токму членовите на УПОЗ“,
додаде тој.
Вчера од Владата соопштија дека минималната плата за 2025 година ќе се зголеми за 2 685 денари во бруто-износ, односно за 1 812 денари во нето-износ. Оваа сума, велат оттаму, била утврдена со примена на законските критериуми.
Претходно вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или 2 200 денари повеќе на сегашната минимална плата.
Мицкоски додаде дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе направат законски измени, како и дополнително нивелирање.
Имено, висината на минималната плата изминатиот период е актуелно прашање што ја заостри реториката меѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и неговиот лидер Слободан Трендафилов и Владата.
Од Сојузот излегоа со предлог-барање, покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6 000 денари, износ за кој оттаму побараа Владата да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во период од една година.
Дополнително, се отвори прашање за репрезентативност на синдикатите бидејќи, како што обвинија од ССМ, Владата ги повлекла членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативност, со цел да имаат изговор да кажат дека платите не треба да се зголемат.