Случајно или не, денешното одложување доаѓа по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која тој најави дека постапката за разрешување на државниот јавен обвинител ќе биде запрена. Премиерот кажа дека постапката за разрешување на Коцевски, која беше иницирана од Владата во февруари, треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментов поради истрагата за трагедијата во Кочани на која работи тим од 11 обвинители
Прашана за овој момент, претседателката на Советот на јавните обвинители Душица Димитриеска денеска рече дека досега немаат добиено никаков допис од Владата со известување за ваква одлука
Поради немање кворум, Советот на јавните обвинители денеска не ја одржа седницата на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Закажана во 10:30 часот, седницата воопшто не ни почна. Столчињата во салата каде што заседава Советот останаа празни бидејќи не се појави ниту еден од членовите. Дека нема да има седница поради немање кворум, новинарите што чекаа внатре ги информира генералниот секретар на Советот.
За околностите во изјава за новинарите, но без камери, информира и претседателката на Советот, Душица Димитриеска. Потврди дека нема кворум за одржување на седницата, а одговарајќи на прашања рече дека се отсутни тројца членови, но не кажа кои.
Нивното отсуство, како што кажа, дел го оправдале со здравствени, а дел со семејни околности поради кои биле спречени да дојдат денеска.
За потсетување, Советот на јавните обвинители брои вкупно 10 члена, вклучувајќи го и државниот јавен обвинител, кој е член по службена должност. Сепак, на седница која разгледува предлог за негово разрешување, тој, според законот, не учествува во расправата.
Од друга страна, Димитриеска рече дека ги направила сите обиди седницата да се одржи. Кога ќе биде повторно закажа, ако се има предвид дека роковите „газат“, претседателката рече дека јавноста и новинарите ќе бидат известени преку соопштение кое ќе биде објавена на нивната веб-страница.
Инаку, седницата со оваа точка на дневен ред првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица.
Случајно или не, денешното одложување доаѓа по вчерашната изјава за премиерот Христијан Мицкоски во која тој најави дека постапката за разрешување на државниот јавен обвинител ќе биде запрена.
Премиерот кажа дека постапката за разрешување на Коцевски, која беше иницирана од Владата во февруари, треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментов, поради истрагата за трагедијата во Кочани на која работи тим од 11 обвинители.
Како што кажа тој, на обвинителите кои работат на случајот треба „да им се даде шанса да работат и да сработат“. Рече и дека заедничката работа на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи (МВР) во рамки на истрагата за трагедијата во Кочани резултира со 34 обезбедени лица.
„Исто така, јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото. Треба да видиме, да почекаме, дали Јавното обвинителство има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото и дали би можело повторно тие случаи можеби да ги преразгледа, па да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена или била селективна“,
изјави вчера Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Претходно, премиерот во телевизиско гостување, исто така, го пофали Обвинителството за нивниот ангажман во истрагата за пожарот во т.н. кабаре клуб „Пулс“ во Кочани и покрај, како што рече, разликите што ги имале во изминатиот период.
„И покрај тоа што имаме големи разлики со работењето на обвинителите, овој пат покажаа голема мобилизација, морам да кажам. Уште утрото во 8 часот огромна екипа беше мобилизирана и дојде во полициската станица во Кочани, веднаш се зафатија со работа. Таа група на обвинители е проширена, имам такви информации. Секојдневно се работи по 16 до 18 часа, и досега мислам дека врз основа на ова што го гледам во овие три дена, се работи заеднички Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат основано сомневање за постоење одговорност, нормално, да се обезбедат лицата и тоа да биде проширено. И мислам дека се проширува, но истовремено да покажат и неселективност, тоа е она што граѓаните, исто така, го очекуваат од нас“,
изјави Мицкоски на 19 март во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Прашана за овој момент во врска со најавата за запирање на постапката за разрешување на Коцевски, претседателката Советот на јавните обвинители денеска рече дека досега немаат добиено никаков допис од Владата со известување за ваква одлука.

Постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски беше иницирана од Владата во февруари годинава, точно една година откако тој дојде на оваа позиција. Откако помина на владина седница, предлогот за разрешување на 4 март пристигна во Советот на јавните обвинители.
Два дена подоцна, односно на 6 март, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека Коцевски го добил предлогот за негово разрешување и дека ќе се произнесе по него.
Советот на јавните обвинители, според Законот за јавно обвинителство има рок од 15 дена да одлучи дали ќе даде позитивно или негативно мислење во однос на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител. Имајќи предвид дека овој рок е истечен, сега Советот ги „користи“ вторите 15 дена, кои му ги овозможува Законот, доколку затоа има оправдани причини.
Во случајов причините за продолжување на рокот за уште 15 е трагедијата во Кочани.
„Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија“,
се вели во член 88 од Законот за јавно обвинителство.
Овој рок, ако се земе предвид дека предлогот за разрешување на Коцевски во Советот на јавните обвинители стигна на 4 март, истекува на 3 април.
За разрешувањето на државниот јавен обвинител последниот збор го имаат пратениците, од каде за негова смена е потребен 61 глас во Собранието.
Сепак, Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење.
По вчерашната изјава на премиерот Мицкоски, сега се отвора и прашањето што ќе се случува со иницијативата на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител.