На секои 100 граѓани во земјава 48 мислат дека има корупција во општините. Но, во исто време, само 13 самите се соочиле со корупција, а од нив ретко кој ја пријавил.
Има ли начин да се прекине „магичниот круг“ на недоверба меѓу граѓаните и локалните власти за да се подобри борбата против корупцијата?
Велес е меѓу ретките општини кои на официјалните веб-страници ги објавија сите документи од областа на „Интегритетот и антикорупцијата“ и активно соработува со Антикорупциската комисија. Градоначалникот Аце Коцевски вели дека се и меѓу ретките со електронски систем за менаџирање документи, вклучувајќи и можност за пријавување корупција.

„Но, основата не е во тоа дали ќе го има на веб-страната, туку како се во основа поставени работите во општината и во локалните установи – дали провејува духот, дали се воспоставуваат политики за работење со нулта корупција за спречување на корупција“,
објаснува велешкиот градоначалник.
Според истражувањето на „НВО инфоцентар“, како Велес се само 14% од општините во државата. Најголемиот број или 70% од локалните власти немаат усвоено програма, кодекс или друг документ за спречување на корупцијата во општината. Високи 16% воопшто и не се потрудиле да одговорат на прашањата за потребите на истражувањето.
Дека механизмите се само почеток, а не и крај на борбата против корупцијата потврдува градоначалникот на Велес, посочувајќи ги постапките за легализација на бесправно изградени објекти.
„Јас не потпишувам ниеден акт за легализација на бесправно изграден објект ако на гугл-снимките во март 2011, кога е стапен на сила законот, тој објект не постоел. Но, во второстепена комисија ни ги одбиваат документите и пресудуваат во полза на странките, иако таму било ливада и немало објект. Бидејќи законот не предвидува како доказ да се користат сателитските снимки од Гугл, туку само изјавата на странката која е дадена на нотар. Странката можела да изгради објект во 2018 година иако законот вели до 2011 година“,
дециден е Коцевски.
Неготино, за разлика од Велес, е на самиот почеток во процесот на донесување антикорупциски механизми.

„И општина Неготино има потпишано Кодекс за однесување на државни службеници, но во процедурите сме малку поназад од општина Велес. Во наредниот период да ги конкретизираме овие процедури, да биде многу полесно и достапно за граѓаните да објавиме се на страницата и да ја намалиме, ако ја има корупцијата во општина Неготино“,
изјави нејзиниот секретар.
Но, оваа општина веќе една деценија има назначено лице за примање пријави од „свиркачи“ за можна корупција. Можеби апсурдно, но 10 години никој не пријавил такво нешто. Во последниве две години, нула пријави е и статистиката на ниво на сите општини во државата.
„Тоа се должи на фактот што во помалите места сите се познаваат и ќе бидат кажани кој го пријавил случајот или слично или вработените во општина мора да го слушаат градоначалникот, дека не постапуваат по своите работни задачи. Затоа мислам дека се обраќаат до наредни инстанци, дека чувствуваат поголема сигурност и заштита спрема себе како пријавувачи на овие појави. ДКСК во повеќе наврати се има обратено до општина Неготино, по анонимни пријави, досега не е поведен случај за прекршување на нормите и законите од страна на општината“,
вели Златковиќ.
Според истражувањето на „НВО инфоцентар“, од репрезентативниот примерок на 1 102 испитаници,
142 лица или околу 13% од испитаниците рекле дека имале директно искуство со корупција. Но, само 21 граѓанин изјавиле и дека ја пријавиле таквата пракса. Една од причините е што речиси две третини од граѓаните целосно се согласуваат со ставот дека пријавувањето корупција може да му донесе големи проблеми на тој што пријавува.

„Речиси 66 насто од граѓаните сметаат дека корупција има во вработувањата во јавните претпријатија при општините и другите установи. Има корупција во назначувањето на директорите на јавните претпријатија и другите установи. Издавањето на градежни дозволи високо котира со 62 насто, спроведување на инспекциски надзор со 61 насто, подготовката на ДУП-овите со 59 насто, спроведување на јавни набавки со 59 насто, плати и даноци, исклучително високи проценти. Кога ги прашавме граѓаните која функција дека е најподложна на корупција, посочија одговор кој не им го посочивме ние, а тоа е сите подеднакво“,
вели Бејкова.
Како последица на овие перцепции и искуства, генерално, граѓаните гледаат со скепса кон локалните власти.
Така, дури 37% од граѓаните имаат лоша оценка за својот градоначалник, што е речиси исто со 38% кои дале одлична оценка. 22% отсто дале средна оценка, додека 3% одбиле да одговорат.
Ваквата поделеност на граѓаните се одразува и во одговорите за тоа – дали корупцијата е зголемена или намалена во споредба со 2017 г., со доаѓањето на нова политичка гарнитура.
„Граѓаните немаат доверба, односно сметаат дека општините па и другите институции само декларативно се борат против корупцијата“,
смета Бејкова.
Патот за надминување на недовербата е секоја општина да преземе широк спектар на мерки во зависност од нејзината големина и развој, смета Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. И тоа – лица за внатрешно пријавување, за посредување со информации, за пријавување неправилности и механизми за анонимно пријавување корупција.

„Ако лице прими пријави, што прави со неа, како ја разгледува, кој ја разгледува, до каде оди таа пријава, како го врти кругот за повторно да се врати кај тој што ја давал – граѓанинот. Мора да биде лице да постои сите да знаат дека постои или општината да направи напори да ги информира граѓаните. И да постои процедура – како ќе се постапува по тие пријави, да се анализираат на годишно ниво, од нив да се изработат проценка на ризици, па да се види кои се со најголем ризик, кои најчесто се јавуваат па да се донесат некакви мерки“,
смета Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Филков препорачува и донесување низа антокорупциски политики и механизми во општините на краток, среден и долг рок.
„На повисоко ниво, антикорупциски политики, Декларација за антокорупција, лице за етика, План на интегритет и негово спроведување и инкорпорирање и интегрирање на тој план со план на интегритет. Системско решавање на борбата против корупцијата. Со поединечни решенија би биле со декларативно ниво заложбата, ако се применат механизмите автоматски ви гарантираат законско обработување и автоматски станува дел од работењето на секој службеник и администрацијата“,
објаснува Филков.

А дека корупцијата на локално ниво реално постои, покажуваат бројките од Антикорупциската комисија, која од вкупно 24 седници одржани во 2019 година, на 22 разгледувала претставки или пријави за градоначалници, совети или вработени во општини. Дури една третина од најсериозните прекршувања за кои ДКСК повела иницијативи за кривично гонење или утврдување одговорност се однесуваат токму на случаи на локално ниво.