Известувачот за земјава во Европскиот парламент, од една страна, смета дека изборите треба да се случат што поскоро за техничката влада да биде заменета со политичка и со функционален парламент, а од друга, вели дека бојкот не е решение зашто Северна Македонија успеа во изминатите месеци и години, меѓу другото, и поради дијалогот власт-опозиција
Илхан Ќучук, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП), смета дека земјава треба што поскоро да организира избори за да добие политичка влада и функционален парламент
Својот став, европратеникот од редовите на „Обнови ја Европа“, трета по големина политичка сила во ЕП, го темели на неколку, како што ги нарекува, аргументи поврзани со ограниченоста во надлежностите на една техничка влада.

„Техничка влада има главно задача да организира избори, тоа е главната цел на секоја таква дефиниција. Оттаму даѓаат и политичките прашања – кој ја носи политичката одговорност, за да има политичка одговорност треба да има и силен парламент кој ќе ја контролира власта. Погледнато од европска перспектива, сите ние имаме интерес да има политичка власт во Република Северна Македонија, со силен парламент кој соодветно ќе ја контролира“,
вели Ќучук во интервју за „360 степени“.
Бугарскиот европратеник смета дека бојкот на изборите од страна на ВМРО-ДПМНЕ не е алтернатива. Образложува дека успехот на Северна Македонија во последниот период се должи, меѓу другото, и на дијалогот власт – опозиција.
„Сакам да потсетам зошто Северна Македонија успеа во неколкуте последни месеци и години – зашто имаше функционален парламент, имаше демократски институции кои разговараа меѓусебе, извршната власт ја имаше својата улога, но за низа законски решенија бараше поддршка и од опозиција. Во една функционална либерална демократија има потреба и од двете, плус и задолжителното вклучување на граѓанскиот сектор. Процесот на преговори е многу тежок, минува низ различни етапи и затоа јас не гледам како ќе најдат друга политичка партија која би ги решила тешките политички прашања што претстојат. Можам да ви дадам и поинакви примери, како Република Србија или Република Црна Гора, кои имаа отстапувања од преговарачкиот процес за што и Брисел ги критикуваше. Главниот аргумент беше токму тој – недостатокот на дијалог меѓу опозицијата и власта. Тоа е огромен проблем за балканските држави од кој треба што е можно поскоро да се ослободиме. Решението на ситуацијата во Република Северна Македонија е да се најде консензус меѓу политичките сили, да има јасен приоритет поврзан со членството на земјата во НАТО, што е реализирана цел, и членството на земјата во ЕУ. Само тогаш земјата ќе успее да се движи по јасен пат“,
изјави Ќучук во интервјуто за „360 степени“.