На 22 март 2020 година беше потврден првиот смртен случај од ковид-19 во Македонија. Од тој датум црниот биланс стигна до 113 смртни случаи од новиот коронавирус. Едно од најзначајните прашања во сите погодени држави од ковид-19 е дали бројката на нови смртни случаи се намалува или се зголемува. Еве како стојат работите во земјава.
Според податоците што „360 степени“ ги доби од Институтот за јавно здравје, првиот смртен случај од ковид-19 во земјава се случил во 12-тата недела од годинава. Бројот на нови смртни случаи на неделно ниво потоа расте на 5, па на 17 случаи. Оттогаш не може да се врзат ни две седмици една по друга во кои растел или опаѓал бројот на смртни случаи. Тој постојано оди горе-долу.

Па, дали може да се зборува за тренд на намалување?

„Па, мислам дека не. Поради тоа што во медицината еден и еден никогаш не е два. Има идентична болест, идентична дијагноза – на еден начин се манифестира кај еден пациент, кај друг на друг начин, кај трет пациент на сосема трет начин… Има многу изненадувања. Многу нагли влошувања. Многу непредвидливи ситуации коишто се случуваат за третманот на пациентите. Така што, некаква корелација, ниту пак некакво предвидување може да се даде“,
вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Еднакво важно прашање со она за трендот на нови смртни случаи, е – колкава е смртноста од болеста во Македонија. Но, пред да се погледнат бројките, треба да се научи една „медицинска“ лекција – што значи морталитет, а што значи леталитет.
Епидемиологот и раководител на Секторот за контрола и следење на заразни болести во Институтот за јавно здравје, Гордана Кузмановска, вака ги објаснува термините:

„Морталитет или смртност е епидемиолошки индикатор, мерка за бројот на починати, генерално од било која причина … која се искажува на одреден број од таа популација, обично на 100.000 жители, но може и на 1.000, 10.000 или на 1.000.000, во одреден временски период. Леталитет е мерка за сериозноста, ‘фаталноста’ на една болест, односно покажува колку од заболените завршиле со смртен исход и се искажува во проценти“,
вели примариус д-р Гордана Кузмановска, специјалист епидемиолог.
Така, според дефиницијата за морталитет, земјава има 54 починати од ковид-19 на еден милион жители. Тоа е највисок морталитет во соседството и екс-ју државите. Најблиску е Словенија, со 51 починат на 1 милион жители, а најдалеку е Албанија со само 11 регистрирани починати на еден милион жители.

Но, Кузмановска вели дека оваа споредба мора да се земе со доза на резерва.
„Од исклучителна важност е која е дефиниција на смртен случај од ова заболување се применува во дадена земја/регион, за да можат правилно да се толкуваат бројките со кои располагаме… Затоа, неодамна СЗО, во едно истражување, побара сите земји членки да се изјаснат околу начинот на водење на морталитетна статистика од сите значајни аспекти, па во најскоро време очекуваме да ги сподели резултатите со сите земји учеснички“,
објаснува д-р Гордана Кузмановска.
Во пракса, споредбите само според морталитетот, значи дека Македонија е „полоша“ од соседството, ама е далеку подобра од многу западни земји.
На пример, од Финска (55), од Австрија (71), од Германија (100), Швајцарија (220). Шведска (396), Франција (435), Италија (542) се дел од земјите што имаат и десетпати повеќе жртви на еден милион жители од Македонија.

Една причина за повисоките бројки на морталитет во земјава во споредба со регионот, е токму начинот на евиденција, вели Филипче.
„Ние, за разлика од други земји (во регионот), во бројот на починати лица ги калкулираме и оние коишто им е земен брис, материјал за испитување, постмортем. Значи, на многу лица им се земаат и после констатирањето на смртта. Зошто? Затоа што сакаме да бидеме свесни за реалната слика на епидемиолошката состојба во нашата земја. Да не затвориме очи пред ниту еден факт“,
вели Филипче.
Втората многу важна причина за големите разлики во морталитет меѓу земјите е бројот на заразени лица. Затоа, за здравствените власти е клучен леталитетот, односно бројот на починати од вкупниот број заразени од коронавирусот.
Во земјава, таа стапка изнесува 5,7%, што значи 57 смртни исходи на секои 1 000 заразени. Со тоа, Македонија е некаде во средината меѓу државите од регионот. Полоши бројки имаат Грција, Босна и Херцеговина, Романија и Словенија. Од друга страна, со понизок леталитет може да се пофалат Бугарија и Хрватска. Албанија, Црна Гора, Турција и особено Србија имаат значително, па и зачудувачки малку починати на 1 000 заразени. За споредба, леталитетот на вирусот во развиени држави како Германија е 4,6%, а во САД 5,9%. Кај тешко погодените Шпанија, Италија и Франција, бројката стигна до 15,5%.


„Во нашата држава, конзистентното спроведување на стратегијата на тестирање на лица со симптоми или лица кои имале контакт со позитивен/ веројатен случај, придонесе за поголем процент на позитивно тестирани лица и одржување на понизок леталитет, што се промени кон крајот на април и поголемиот дел од мај кога се намали бројот на тестирани лица и бројот на позитивни, соодветно.“

„Тоа што е многу тешко да се предвиди е колкав број на заболени ќе има во периодот кој што доаѓа. Еве, сведоци сме на прекршување на многу од препораките. На непочитување на мерките за превенција. Тоа што е многу битно – во кој момент, во кој стадиум на болеста пациентот се јавува во болничката установа…“
Последните здравствени статистики покажуваат дека во земјава има 447 активни случаи. Досегашното искуство вели дека тројца од четворица заболени ќе го прележат вирусот дома, а еден од секои четворица ќе заврши во болница. Од хоспитализираните, секој петти завршува со смртен исход.