Според него, во моментниот четири пациенти што се лекуваат во странство се наоѓаат во покритична состојба
Во моментов во Скопје се лекуваат вкупно 46 пациенти, од кои 26 се на Клиничкиот центар, а по 10 пациенти се во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари по одржаниот состанок со Кризниот штаб за состојбата на повредените од пожарот во Кочани.

„Добра вест е што денеска се очекува да бидат испишани 16 пациенти. После сите направени испитувања, овие пациенти ќе продолжат со лекување во домашни услови. На лекување во болниците во Скопје ќе останат 30 пациенти“,
рече тој.
Најави дека се подготвуваат за прием на пациенти што се лекуваат надвор од државата.
„Надвор се лекуваат 115 пациенти. Оваа недела очекуваме осум пациенти да се примаат на клиниките кај нас. Тријажата ќе се направи онаму каде ќе се примаат, а потоа ќе се испратат на клиниката каде ќе се лекува пациентот. Сигурно престојот ќе биде неколку дена, а потоа ќе се испратат дома. Нема да оставиме ништо на случајност“,
кажа министерот.
Според него, во моментниот четири пациенти што се лекуваат во странство се наоѓаат во покритична состојба.
„Да се надеваме дека и нивната состојба ќе се подобри. Вчера беа пет, денеска се четири. Во фаза сме на инфекции кои можат да се јавуваат кај пациенти со изгореници од втор и трет степен. Можни се и секакви компликации. Да се надеваме на најдоброто. Нашите колеги даваат максимум“,
рече тој.
Се надева дека за две недели ќе се вратат половина од пациентите што се лекуваат надвор од државата.