Во фазата на попуштање на рестриктивните мерки Италија планира да ангажира 60 000 волонтери кои ќе излезат на терен за да внимаваат дали граѓаните одржуваат растојание и да ги предупредуваат оние кои не се придржуваат до таа мерка.
Ваквиот план го најави министерот за регионални работи, Франческо Бочија, бидејќи се стравува дека луѓето нема да се придржуваат до мерката за држење растојание на плажите, во баровите, во трговските центри … Како што изјавил тој, волонтерите ќе бидат наречени „цивилни асистенти“ и ќе бидат облечени во сини маици. Бочија ги предупредил Италијанците дека ако не бидат дисциплинирани, реализацијата на ваквиот план ќе се пролонгира бидејќи ќе се одложи и олабавувањето на рестриктивните мерки.
Градоначалникот на Бари, Антонио Декаро, кој е и претседател на Здружението на италијански градови, за весникот „Ла Република“ изјавил дека волонтерите будно ќе ја следат состојбата, но истовремено ќе бидат и „промотори на доброто однесување“.
Планот на италијанските власти е да го објават повикот за волонтери во текот на оваа недела. Огласот ќе го распише Агенцијата за цивилна заштита, а приоритет во бирањето на волонтерите ќе им се даде на невработените и корисниците на социјална помош.
Во Италија денеска се регистрирани 300 нови случаи на заразени, додека вкупниот број од почетокот на пандемијата изнесува 230 158. Има 32 877 смртни случаи од кои 92 се во последните 24 часа. Бројот на оздравени, пак, изнесува 141 981.