Мерките против ширењето на ковид-19 се најчестата тема поврзана со коронавирусот која се дебатира на јавна сцена. Само на маргините се разговара за еднакво важни прашања, како на пример, смртноста од вирусот во земјава. Оваа тема, во последниве недели, е како резервирана само за дневнополитички пресметки. „360 степени“ побара и доби одговори од раководителката на Секторот за контрола и следење на заразни болести во Институт за јавно здравје, примариус доктор Гордана Кузмановска.
Македонија има 54 починати од ковид-19 на еден милион жители, според последните податоци. Со таа бројка, која експертите ја нарекуваат „морталитет“, земјава е најлоша во регионот.

Но, од друга страна е процентот на починати од бројот на заболени, кој се нарекува „леталитет“, според кој земјава е во регионалниот просек.

Зошто се појавуваат овие разлики?

Што е морталитет, а што е леталитет и зошто е важно да се прави разлика помеѓу двата термина?
Морталитет или смртност е епидемиолошки индикатор, мерка за бројот на починати, генерално, од која било болест во одредена популацијата, која се искажува на одреден број од таа популација, обично на 100 000 жители, но може и на 1 000, 10 000 или на 1 000 000, во одреден временски период. Морталитетните статистики служат за споредба на смртноста од одредена болест во различни популации (споредба на земји, региони и сл.) во тек на времето.
Леталитет е мерка за сериозноста, „фаталноста” на една болест, односно покажува колку од заболените завршиле со смртен исход на болеста и се искажува во проценти. На пример, леталитетот од ебола е релативно висок и изнесува 40%. МЕРС-корона вирусната болест, исто така, има висок леталитет од 32 до 37%, додека леталитетот од грип се движи околу 1%, а од варичела е едвај нешто повеќе од 0%.
И морталитетот и леталитетот се променливи параметри, особено во текот на една епидемија. Генерално, морталитетот не зависи од бројот на заболени, додека леталитетот е во директна зависност од бројот на заболени. Разбирливо е дека морталитетот континуирано расте во време на епидемија, бидејќи кумулативниот број на заболени расте, па нека е и минимален порастот. Од друга страна, леталитетот може да се менува погоре или подоле, во зависност од порастот или падот на бројот на заболени. Леталитетот е одлична мерка за бенефитот од воведување на нов лек или интервенција кон одредена болест, на пример.
Морталитетот од ковид-19 во Македонија, според достапните податоци, е повисок од регионот. Зошто е тоа така?
Морталитетот од ковид-19 регистриран во Македонија може да се споредува, односно сличен е со морбидитетот со некои од земјите во регионот (на пример, со Словенија и со Босна и Херцеговина, каде што, исто така, е околу 50/1 000 000 жители). Додека во однос на други земји во регионот (Грција, Бугарија, Хрватска и Србија) е помалку или повеќе повисок.
Притоа, регистрираните стапки на морталитет од ковид-19 во Велика Британија, Шпанија, Италија се 500-600/1 000 000 жители, во Франција нешто помалку – околу 430/1 000 000, а во Белгија е регистриран морталитет над 790/1 000 000 население, што значи 9 до 16 пати поголем од истиот во нашата земја.
Разликите во морбидитетот може да се должат на многу различни причини и нивни комбинации. Експертите сметаат дека морталитетот зависи од три важни фактори: бројот на тестирањата, достапноста до здравствените капацитети за лекување и возраста на популацијата.
Секако, при споредување на овие бројки мора да се води сметка колку се тие споредливи, односно дали критериумите за прогласување смрт од ковид-19 кои земјата ги имплементира се исти. На пример, не можете да споредувате стапки на смртност меѓу две земји, при што едната земја практикува само лабораториска потврда на вирусот за прогласување на смртен случај од ковид-19, а друга земја ги регистрира како смртни случаи и лицата кои починале од болест со клиничка слика на болеста (веројатни/сомнителни случаи), без лабораториска конфирмација.
Значи, од исклучителна важност е која е дефиниција на смртен случај од ова заболување се применува во дадена земја/регион, за да можат правилно да се толкуваат бројките со кои располагаме.
Од друга страна, леталитетот во земјава е компарабилен со регионот. Зошто?
Во Македонија леталитетот, по речиси континуираниот раст од првиот регистриран смртен случај па наваму, од 27 април бележи тренд на „стабилизација“ и варира во тесен опсег, движејќи се од 5,2% до 5,8% на дневна база. Но, не расте. Во последните неколку дена е забележано и постојано, иако минимално намалување на процентот, кое го очекуваме и во идниот период.
Бидеќи леталитетот зависи од бројот на заболени, јасно е дека зголемен број на тестирања, со проширување на индикациите за тестирање, дава можност за идентификување на поголем број заболени, меѓу нив и асимптоматски случаи по правило со полесен тек на болеста и оздравување. Па, очекувано е намалување на леталитетот.
Ова е во директна врска со стратегијата на тестирање во една земја. Во нашата држава конзистентното спроведување на стратегијата на тестирање на лица со симптоми или лица кои имале контакт со позитивен/веројатен случај придонесе за поголем процент на позитивно тестирани лица и одржување на понизок леталитет, што се промени кон крајот на април и поголемиот дел од мај, кога се намали бројот на тестирани лица и бројот на позитивни соодветно. Имајќи го предвид фактот дека болеста најчесто се влошува во втората недела од заболување, но и долгото лекување на заболените лица, може да се заклучи зошто се одржува леталитетот на споменатото ниво. Притоа, важно е да се има во предвид фактот дека повеќе од 65% од заболените биле лица на возраст над 60 години, а над 74% од заболените имале коморбидитети.
Во регионот, секако, има земји со сличен на нашата земја леталитет, и земји со понизок леталитет, но исто така има голем број земји со 3-4 пати повисок леталитет (Велика Британија, Италија, Франција).
Кои починати лица се евидентираат како починати од ковид-19 во Македонија?
Во нашата земја за смрт како резултат на ковид-19 се смета смртен исход кај лице со болест која е клинички компатибилна со ковид-19, со позитивен лабораториски резултат, односно лабораториски потврден ковид-19 случај на смрт, независно од тоа дали примерокот за лабораториска дијагноза бил земен пред или после смртта.
Според вашите информации, дали истиот начин на евидентирање го користат и земјите во регионот? Имено, видни се големи разлики и во леталитетот. На пример, во Србија тој изнесува 2,1%, што е далеку подобро и од регионалниот и од европскиот просек?
Сите земји немаат јасно изнесени ставови за начинот односно критериумите за евидентирање на смртните случаи во услови кога на располагање на земјите им се три различни можности за морталитетна статистика:
Смртен исход како резултат на ковид-19 се смета смрт кај лице кое има болест клинички компатибилна со ковид-19 при што: а) лицето има позитивен лабораториски тест (лабораториски конфирмиран случај); б) лицето има неконклузивен резултат од лабораториското тестирање (веројатен случај) и в) лицето не било тестирано на ковид-19 вирусот (суспектен ковид-19 случај).
Затоа, заради посоодветно споредување и толкување на бројките, но и усогласување на различните пристапи, неодамна СЗО во едно истражување побара сите земји членки да се изјаснат околу начинот на водење на морталитетна статистика од сите значајни аспекти (и нашата земја учествува во ова истражување), па во најскоро време очекуваме да ги сподели резултатите со сите земји учеснички.
Според досегашните неделни податоци, од првиот регистриран смртен случај од ковид-19, во првите три недели (разбириливо) имаше раст на бројот на смртни случаи. Но, потоа се случи во една седмица да има рекорден број на жртви, за веќе следната недела таа бројка драматично да падне, што се повторуваше. Дали може да се говори за трендови во Македонија, кога е во прашање бројот на смртни слуачаи од ковид-19 и на што се должат толку острите осцилации?
Во секојдневните информации се споделуваат бројки на умрени регистрирани во последните 24 часа пред објавување на инфото. Тоа не значи секогаш и починати во последните 24 часа, односно истиот ден кога се објавува информацијата.
Неделни прикази на состојбата претпоставувам сами сте направиле, врз база на информациите од ИЈЗ, кои секојдневно ги споделуваме.
Затоа во прилог на одговорот ви испракам и два графици на кои е претставена дистрибуцијата на заболени по недели, како и бројот на регистрирани смртни случаи по недели (по датум на смртта).
Нагласувам дека преку апсолутните бројки особено кога се мали, не можат да се согледаат јасно состојбите и затоа апсолутни броеви ретко се користат сами, а почесто во комбинација. Во овој случај користиме стапки и проценти, за да може да се споредува и да се добие на тежина, односно да се има јасна слика на актуелната ситуација.
Податоците од последната недела покажуваат одредена „стагнација“ на бројот на активни случаи, што пак се должи на повторниот благ раст на ново дијагностицирани пациенти со ковид-19. Дали очекувате бројот на активни случаи да почне повторно да паѓа или ова е состојба која подолго време ќе се одржува?
Што ќе се случува во идниот период е навистина неизвесно и тешко да се каже, имајќи ги во предвид сеуште големиот број непознаници во врска со предизвикувачот и заболувањето од една страна, нестабилноста и варијациите во интензитетот во повеќето земји – особено оние најзафатените – како и нивото на сериозност на населението во однос на почитување и придржување кон препорачаните од здравствените власти мерки на превенција на заболувањето, од друга страна. Сепак, оптимист сум и очекувам стабилизација на состојбите со одредени варијации во бројките на заболени до ниво на незначајно регистрирање во летниот период, со веројатно повторен пораст на бројот на заболени со почетокот на сезоната на респираторни инфекции, што не би го нарекла втор бран туку сезонско зголемување на бројот на заболени.
Развој, одобрување и ставање во употреба на вакцина против ова заболување би било најповолното решение за ставање под контрола на болеста.