Денеска од МВР информираа дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на какви било операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на градовите Кочани и Штип

Новинарски екипи на ТВ 21 и на Ројтерс попладнево биле повикани на службен разговор во полициската станица „Центар“, а вечерва се пуштени, информираат од Министерсвото за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“.
Новинарските екипи, како што рекоа од МВР, биле повикани затоа што за време на протестот во Скопје, на кој се оддаваше почит за загинатите во Кочани, снимале со дрон, a за тоа немале дозвола.
Од истите причини полицијата попладнево привела новинарски екипи и на протестот во Кочани.
Денеска од МВР информираа дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на какви било операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на градовите Кочани и Штип.
Во соопштението од Агенцијата се наведува дека неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја.
„Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“,
се вели во соопштението.