Завчера и вчера пораки со сочувство по повод трагедијата до МПЦ-ОА упатија вселенскиот патријарх Вартоломеј, бугарскиот патријарх Даниил и поглаварот на Српската православна црква Порфириј
Порака со сочувство по трагедијата во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, упати романскиот патријарх Даниел до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА), г.г. Стефан.

Во пораката со сочувство се наведува дека патријархот Даниел се моли за упокојување на починатите, за исцелување на повредените и за утеха на ужалените семејства.
„Со длабока тага дознавме за трагичниот настан што се случи утрото во неделата, 16 март, во градот Кочани, Северна Македонија, во кој животот го загубија повеќе од 50 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Во овие моменти на тага за народот на Северна Македонија, го молиме Семилостивиот Бог да ги упокои во својот мир душите на загинатите во овој трагичен настан и да им даде брзо исцелување на повредените, а утеха на ужалените семејства, во светлината на воскресението Христово. Со братска љубов во нашиот Господ Исус Христос“,
се наведува во пораката на романскиот патријарх Даниел, пренесува МИА.
Претходно вчера порака со сочувство за трагедијата во Кочани испрати вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и до брегалничкиот митрополит Иларион.
Завчера и бугарскиот патријарх г. Данаиил оствари телефонски разговор со Архиепископот г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), во кој му изрази сочувство за трагедијата во Кочани.
Писмо со сочувство до МПЦ-ОА, завчера испрати и српскиот патријарх Порфириј.
Синодот на МПЦ-ОА во неделата по трагедијата соопшти дека иако е невозможно да се најдат човечки зборови за утеха, сепак, утеха на семејствата и блиските, но и на сите нам, нека ни биде верата дека споменот на праведниците е вечен и дека тие вечно ќе постојат во Вечноживиот Бог.