Кривичниот совет на Основниот суд – Скопје ги одби барањата на обвинителството да бидат пренесени во притвор шест од седумте лица кои се сомничат за несреќата кај Ласкарци каде загинаа 16 лица а 38 беа повредени. Судот реши да им ја продолжи мерката куќен притвор за нови 30 дена.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинтелство за определување мерка притвор за шест лица, опфатени со обвинителниот акт за автобуската несреќа која на 13.02.2019 година се случи кај селото Ласкарци, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје по разгледвање на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои предлогот на обвинителството за определување мерка притвор го одби како неоснован, а ја продолжи мерката куќен притвор за нови 30 дена“,
стои во сопштението на Основниот кривичен суд-Скопје
Во однос на седмото лице, чиј идентитет не е познат а против кого Обвинителството поднесе обвинителен акт, од Судот информираат дека предметот „согласно АКМИС – системот е распореден на оценка кај Совет за оценка на обвинителен акт, кој треба да закаже седница за оценка, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“.