Клучниот документ за добивање лиценца, кој се однесува на исполнувањето на техничките услови на еден објект, како излези, заштита од пожари, вентилација и сѐ останато, го пополнува самиот барател. Апсурдот е во тоа што никој не проверува на терен, пред да ја добие лиценцата, дали изјавата му е вистинита. За точноста на податоците, едноставно одговара со даден збор под полна материјална и кривична одговорност. И толку
Единственот документ на барателот кој му зависи од „друг“ е согласност од МВР дека неговиот објект ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност во сообраќајот. Но, и тука се нашла дупка. Министерот Тошковски денеска директно обвини дека полицајци изготвувале вакви позитивни мислења, иако не биле исполнети условите за такво нешто
Клубот „Пулс“ во кој вчера загинаа 59 луѓе, а уште десетици се борат за живот, немал важечка лиценца за кабаре, веќе втор ден повторуваат од извршната власт. Според министерот за внатрешни работи, таа лиценца што ја имал, била нелегална, додека според премиерот таа е фалсификат. За тоа, малку подолу.
Поводот за овој текст се неколку детали кои денеска ги соопшти министерот Пснче Тошковски. Па, проверивме, колку е тешко или лесно да се извади лиценца за кабаре?
На жими мајка
Во лажната лиценцата на „Пулс“ од 13 март 2024 година, но и во претходната вистинска од 2023 г., клубот е регистран како кабаре. Ова е важно затоа што намената на објектот влијае на други прашања. На пример, кабаре може да работи до 4:00 часот по полноќ во петок и во сабота, без посебно одобрение од општината. За кабаре се плаќа поевтина лиценца, споредено со други форми на угостителски објекти.
Работата на кабареата е уредена со Законот за угостителска дејност.
Уште во членот 6 од Законот, кој се однесува на сите угостителски објекти, е пропишано дека мора „да бидат исполнети пропишаните минимално-технички услови“. А покрај тоа, мора да бидат исполнети и следниве услови.
„Објектот да може да се употребува, санитарно-здравствени услови, условите за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон“,
пишува во член 6 од Законот за угостителска дејност.
За кабареата и ноќните клубови има уште една одредба – дека освен исполнувањето на минамалните технички услови, треба согласност од МВР за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Што се подразбира под „пропишани минимално-технички услови“, во Законот за угостителство не пишува. За тоа има посебен подзаконски акт – правилник.
Во членот 7, пак, се пропишува каде се пријавува исполнувањето на условите:
„Угостителот е должен исполнувањето на условите од членот 6 став 1 на овој закон и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје според местото и седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат услугите, најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект.
Угостителот е должен да ја пријави и промената на условите од членот 6 став 1 на овој закон на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје според местото и седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат услугите, во рок од 15 дена од настанатите промени.
Министерот за економија и труд ги пропишува формата и содржината на образецот на пријавата од ставовите 1 и 2 на овој член”.
Но, во остатокот од законот, на ниту едно место не е пропишано дека Државниот пазарен инспекторат или Општината вршат некаков надзор пред да почне да работи објектот, односно дали тоа што го пријавил угостителот е навистина така. Само може да се претпостави дека таква контрола би требало да има кога објектот е цел на контрола на Државниот пазарен инспекторат – дали редовно или вонредно.
Клучен е, сепак, членот 21. Таму пишува кои документи му се потребни на еден бизнисмен, ако сака да побара лиценца за кабаре.
Прво што треба да направи угостителот е да поднесе барање за издавање на лиценца на образец за платен надоместок до Министерството за економија и труд. За кабаре, цената се движи од 2 500 до 5 000 евра.
Кон барањето се доставуваат и:
- Решение за упис во трговскиот регистар;
- Одлука за определување на висината на надоместок (којшто го определува општината);
- Пријава за исполнување минимално-технички услови за вршење угосителска дејност;
- Согласност од МВР за услови за заштита на јавен ред и мир и безбедност во сообраќајот и
- Доказ за платена административна такса.
Под овој параграф можете да погледнете како изгледа клучниот документ во овој список – Пријавата за исполнување минимално-технички услови за вршење на угостителска дејност. Тоа се шест страници на кои барателот самиот си пополнува – што исполнува, а што не. На крајот, става потпис веднаш под текстот „Изјавувам дека сите податоци дадени во пријавата се вистинити“.
Во ниту една одредба потоа од Законот за угостителска дејност не е пропишано дека изјавата треба да се провери.
Веројатно на тоа алудираше министерот Тошковски кога денеска изјави:

„Слободно можам да заклучам дека Македонија нема систем во рамки на којшто систем би биле утврдени правила на игра коишто ќе бидат нормални за да превенираат еден ваков ужасен немил настан. Односно, со изјава заверена на нотар од страна на правно лице, управител на правно лице итн, и подготвка на одредени документи има системски слабости коишто не вршат правилна и потребна контрола за да се создадат предуслови за да функцинораат нормални објекти. Особено од овој тип. Поради што, не само во однос на конкретниот случај, туку и во однос на сите останати ноќни клубови, кабареа кои што функционираат во Македонија, во наредниот период, по заклучокот на Владата, ќе бидат спроведени темелни инспекциски контроли кошто ќе треба да ги извадат на површина дополнително сите неправилности, незаконитоски и системски пропусти кои ги имаме како држава“.
Но, додека пријавата, таксите, уплатата на парите – сетоа тоа зависи од газдата на кабарето, во списокот на документи има еден кој би требало да гарантира законитост. Тоа е согласност од МВР дека објектот ги исполнува условите во поглед на јавниот ред и мир и сообраќајот.
Но, ако граѓаните се надевале дека можеле да и веруваат на полицијата, згрешиле. Тошковски призна дека има писмена трага дека полицајци од Штип издале позитивно мислење, без да има основа.
„Во делот на анализите што ги правиме за Министерството за внатрешни работи и уште ги правиме, откривме незаконтиности во делот на издавање на соодветни согласноти токму за предметната дискотека за коишто во овој момент се постапува. И за коишто, во овој момент, можам да ви кажам само дека поголем број на лица ќе бидат во текот на денешниот ден… ќе се процесиуираат. Согласно првичните информации што ги имам досега, она што го констатиравме е катастрофално. Односно, во текот на изминатиот период, не можам точно да кажам кога.. од страна на СВР Штип е дадено мислење соодветно, позитивно, за таа дискотека да биде ставена во функција во делот на сообраќајни услови и во делот на паркинг места, којашто од страна на одделот за стратешко планирање и контрола и надзор, на писмено има информација дека не е согласно закон и дека треба да се преиспита“,
изјави денеска Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Сублимирано, се што треба за да се извади лиценца за едно кабаре се 2 500 до 5 000 евра во џеб, пополнета пријава на „жими мајка“ и врски во полиција. Единствениот проблем кој може да се појави по пат е евентуална посета од Државниот пазарен инспекторат. Но, ако може да се подмачка полиција, зошто да не може и инспекција?
А какви услови треба да исполни едно кабаре
Овие правила се пропишани во подзаконски акт наречен „Правилник за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност“. Членот 31 се однесува посебно за кабареата, ноќните и диско клубовите. Еве некои од нив:
- да има вентилација која обезбедува промена на воздухот 20 пати во еден час;
- соодветна звучна изолација;
- најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, а за поголем број на лица соодветен број на помошни излези.
Во генералните услови, иако без многу детали, се пропишува дека сите угостителски објекти треба да „работат во согласност со прописите за заштита од пожар, според кои во угостителските објекти треба да има апарати и друга опрема за гаснење пожар“.
Клубот „Пулс“, според изјавите од обвинителството и полицијата, немал ништо од ова. И не само тоа. Зградата во која бил сместен т.н. ноќен клуб е во поранешен магацин чија урбанистичка намена е „лесна индустрија“, а не „угостителство“ или сродна дејност.
Лиценцата на „Пулс“
Според изјавите на премиерот и на министерот за внатрешни работи лиценцата на дискотеката „Пулс“ била нелегална, односно фалсификат. Првиот човек на Владата вчера отиде дотаму што ја покажа на прес-конференција.

Тоа отвори дебата, бидејќи дури и лажната лиценцата истекла на 13 март, три дена пред несреќата. Премиерот се бранеше дека нема одговорност и кај Државниот пазарен инспекторат, што не успеал да фати ниту лажна лиценца, ниту пак истечена.
Но, затоа, прстот е вперен кон Министерството за економија кое ги издава лиценците. Премиерот кажа дека на фалсификуваната лиценца е употребен оригинален печат и потпис од тогашната државна секретарка, а дека зад архивскиот број на лиценцата стои сосема друг предмет – комуникација со странски инвеститор.
„360 степени“ ги провери регистрите на лиценци и дојдовме до сознание дека за „Клуб Пулс“ од Кочани има важечка лиценца која е издадена на 13.3.2023 година. Овие лиценци се со важење од една година. Лиценцата ја барала и добила фирмата ММММ Кафе ДООЕЛ од Кочани. Газда на таа фирма е извесен Александар Карадакоски. Никој во Кочани не го споменува во врска со вчерашниот настан. Фирмата, во моментов, има блокирана банкарска сметка.
За одбележување е што лиценца за кабаре со име „Пулс“ има и од 11.2.2022 година, но тогаш барател е друга фирма која го носи називот „ДПТУ Класик ДМ“ од Кочани. Во моментов тоа е фирма за која е завршена стечајната постапка и е на пат да биде избришана од Централниот регистар. Таа има двајца газди. Едниот се вика Блажо Маринков, за кочанчани кои ги прашавме непозната личност. Другиот е Дејан Јованов. На Дејан Јованов денеска му беше искршен кафе барот за време на протестите во Кочани кој го носи името „Класик“, а демонстрантите нападнаа и друг негов објект во градот. Сето ова оди во насока на изјавите на надлежните дека е можно да има скриено сопствеништво на „Пулс“.

Може само да се претпостави дека приведувањето на поранешниот министер Крешник Бектеши и поранешната државна секретарка Размена Чекиќ Дуровиќ е во врска или со фалс или со легалните лиценци за кој и да е од правните субјекти поврзани со „Пулс“.
На ваквиот наратив денеска возврати сопартиецот на Бектеши, Арбр Адеми. Тој кажа дека токму поради тоа што „Пулс“ не ги исполил условите, не добил лиценца во 2024 година. А, ако некој потоа фалсификувал таков документ, тоа е друг проблем.

„Ако некој, поточно државниот секретар, земал пари да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се апдејтира со најнови податоци, а таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена. Ако некој фалсификувал документ надвор од институцијата, одговорноста е на поединецот или групата кои го сториле истото и одговорност мора да има“,
порача Адеми.
Потпреседателот на ДУИ потоа аргументираше дека актуелната Влада е на власт веќе 10 месеци и дека тие се одговорни за состојбите во моментов.

На тезата на Адеми возврати премиерот Христијан Мицкоски. Индиректно, кажа дека уште поголем проблем е како објектот вадел легални лиценци во минатото.
„Овој клуб извадил само два пати лиценца. Во 2021-та и во 2023-тата година. Значи цело време работел или без лиценца или… а, прашањето е, тие што му потпишале во 21-ва и во 23-та, како му потпишале и врз основа на кои елаборати и кои документи му потпишале“
изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.