Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски претходно денеска рече дека е формиран специјален обвинителски тим што ќе работи на случајот со изгорената дискотека во Кочани

Поради потребата од преземање повеќе дејствија за пожарот во дискотеката во Кочани, од кои дел во Основното јавно обвинителство Штип, обвинителскиот тим е проширен и е вклучен уште еден, шести јавен обвинител од штипското обвинителство, информира попладнево од Јавното обвинителство.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски претходно денеска рече дека е формиран специјален обвинителски тим што ќе работи на случајот со изгорената дискотека во Кочани.
Тој соопшти дека петмина обвинители и еден раководител се дел од тимот, по двајца обвинители од Кочани и Скопје и еден обвинител од Штип.
Коцевски не откри детали за тоа дали се утврдени првичните причини за пожарот, ниту пак откри колкумина осомничени досега се испрашани. Тој не информираше каков тип на наредби се издадени и какви истражни дејствија се преземени, на пример, дали се прегледани некои видео материјали.
Тој изјави дека според првичните сознанија најверојатно пиротехничките средства го предизвикале пожарот, но нагласи дека не може ништо повеќе да каже бидејќи се врши увид на лице место.
Коцевски рече и дека тројца јавни обвинители вршат увид на местото на пожарот во Кочани и ги прибираат сите потребни докази.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во врска со несреќата во Кочани е распишана централна потерница за четири лица.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција пред полициската станица во Кочани, министерот не откри дали лицата по кои се трага се менаџери и сопственици на дискотеката во која се случи трагедијата.
Рече дека во овој момент не може да открие за кои лица станува збор.