Активно ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија дека нејзин интерес е да одиме напред кон Унијата, но и со нашите партнери ќе работиме на изнаоѓање компромисно решение кое на нас како држава ќе ни даде предвидлив пат и извесност за нашата стратешка цел – членство во ЕУ, вели Муцунски
Како влада ќе продолжиме да бидеме активен чинител и јасно да ги афирмираме нашите позиции и ќе работиме со Европската Унија и САД, но пред да носиме каква било одлука, мораме да ги согледаме сите импликации врз нашите интереси, порача министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски во интервју за ТВ Сител. По однос на прашањето дали ќе има или нема мировници во Украина вели дека во следните неколку месеци ќе има решение и ќе се почека да се види какво ќе биде тоа решение, но нагласи, во моментов земјата не би можела со свои армиски сили да учествува во мисија која би била на украинска територија. Тој кажа дека и покрај сите критики за гласањето на Владата во ОН, се покажало оти земјава правилно одбрала кога застанала зад резолуцијата на САД насочена кон изнаоѓање мир во Украина.
„Ние сме земја членка на НАТО и мораме да имаме проактивна надворешна политика со соодветна процена на регионот во кој живееме. Во суштина, цела Европа го поздрави последниот преддлог за примирје во Украина со посредство на САД – решение кое содејствува со содржината на Резолуцијата зад која застанавме и ние“,
кажа Муцунски.

Во врска со односите со Бугарија, Муцунски вели дека се иницираат средби со министрите на новата влада и го повтори очекувањето за дијалог помеѓу двете страни.
„Факт е дека бугарската страна вели дека уставните измени не се единствената билатерална пречка насочена кон наше завршување на преговорите со ЕУ. И тоа е оној тековен момент кој мораме да го надминеме, таков став за нас е неприфатлив како држава бидејќи сме рекле дека е доста да правиме идентитетски и национални отстапки. Ние активно ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија дека нејзин интерес е да одиме напред кон Унијата, но и со нашите партнери ќе работиме на изнаоѓање компромисно решение кое на нас како држава ќе ни даде предвидлив пат и извесност за нашата стратешка цел – членство во ЕУ“,
додаде Муцунски.
Муцунски говореше и за протестите во соседна Србија, нагласувајќи дека се следат случувањата во регионот и потенцијалните импликации за нашата држава. Тој изрази надеж дека протестите ќе завршат на мирен начин и дека не треба да бидат причина за загриженост кај македонските граѓани.