„Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамките на законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи што треба дома да си ги решаваме. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот“, рече премиерот
Нормално е да ја следиме состојбата во Србија. Неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците. Доколку постојат такви, имаме разработено сценарија, но не очекувам прелевање кај нас. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за случувањата во соседна Србија, каде што денеска се одржува масовен студентски протест, но и како ја оценува безбедносната состојба во нашата држава, односно дали случувањата во Србија можат да се рефлектираат и кај нас.

На дополнителното прашање дали е запознаен со информациите од тамошните медиуми дека структури од соседни земји на Србија, спомнувајќи ја и нашата држава, учествуваат во некакви сценарија за рушење на тамошната власт, премиерот рече дека политиката на власта е јасна и додаде дека „не сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, ниту, пак, ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.
„Нашата домашна задача е наша домашна задача, а домашната задача на другите земји си е нивна домашна задача. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамките на законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи што треба дома да си ги решаваме. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот“,
рече Мицкоски на поставувањето камен-темелник за реконструкција на патот Драчево–Мотел Китка.
Инаку, денеска во Белград се одржува масовен протест на студенти и граѓани од целата држава, што се смета за кулминација на три и пол месечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Главниот протест се очекува да се одржи пред српскиот парламент во 16 часот, а бина ќе биде поставена и на плоштадот „Славија“ во центарот на Белград.