Посочи дека како партија се подготвени да ги поддржат сите закони кои се во Реформската агенда и да ги гласаат заедно со владејачкото мнозинство, оти смета дека мора да постои национален консензус за правосудството
Апелира Владата да престане да врши партиски притисок, како што тоа го направи врз независните регулаторни тела, но и како што тоа го прави сега врз претставниците на Синдикатот и врз правосудството во целина
Заканите на премиерот Христијан Мицкоски дека на судството ќе му се случи народ е порака дека тој признава судство само по своја мерка и не сака ниту подобро, ниту независно судство. Ова денеска на прес-конференција го изјави лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, посочувајќи дека вистински промени во судството се можни само со реформи, а не со партиски притисоци и закани.
Оваа изјава на Филипче следува откако премиерот пред два дена рече, а вчера повтори, дека на членовите на Судскиот совет ќе им се случи народ доколку не постапат соодветно и се инаетат на одлуката на парламентарците кои им изгласаа недоверба.

„На некој начин таа изјава е оксиморон, односно со партиски протести ќе се борат против, наводно, партизирано судство. Нема поголем доказ од тоа дека крајната цел е партизација“,
вели Филипче.
Посочи дека наместо да се спроведат вистински реформи кои по толку години се на маса, ќе се протестира, што за него претставува апсурд и политика без преседан.
„Доколку се случат и продолжат такви притисоци врз целокупниот правосуден систем, довеербата од два отсто ќе се намали на нула во следниот период“,
кажа тој.
Според него, вистински промени се можни само со вистински реформи, а не со притисоци и закани.
„Ги повикувам уште еднаш, целата владејачка коалиција, и ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и ‘Вреди‘ да се вразумат и да го почнат патот на реформите“,
изјави лидерот на опозицијата.
Оцени дека сите се свесни дека судството со години предизвикува незадоволство кај граѓаните, најмногу поради сомнежи за големо политичко влијание.
„Прво, сакам да кажам дека немам намера да стојам во одбрана на одредени личности. Второ, сметам дека ниту една влада во изминатите три децении не направила доволно за да се случат вистински реформи во правосудството. Поради тоа има огромен гнев кај граѓаните. Но, да се користи гневот на граѓаните за да се присвои судството, нешто што се обидува да го направи ВМРО-ДПМНЕ е недозволиво и недомократски“,
рече тој.
Нагласи дека решенијата за реформи во правосудството се подготвени и се ставени на маса, како и дека се работени заедно со претставници на Европската Унија, преточени во Реформската агенда и Планот за раст кој го подготвуваше владата на СДСМ, а го потпиша премиерот Мицкоски пред неколку месеци во Брисел.
„Во таа Реформска агенда се содржани повеќе закони во делот на правосудството, меѓу кои се и закони што се однесуваат на Обвинителството, на Судскиот совет, на платите на судиите и на движењето на судските предмети, како и ред други работи што треба да се случат за да се стави ред во тој систем и да почне да функционира согласно европските норми и критериуми и постепено граѓаните да почнат да ја враќаат довербата во правосудството“,
кажа првиот човек на СДСМ.
Повтори дека како партија се подготвени да ги поддржат сите закони кои се во Реформската агенда и да ги гласаат заедно со владејачкото мнозинство, оти смета дека мора да постои национален консензус за правосудството.
„Тие закони се поврзани со финансиски средства и грантови. Целокупниот пакет е 800 милиони евра помош за Македонија. За жал, од трисетината закони што се во план да се донесат до јули годинава, само еден закон е донесен. Ниту еден друг не е во собраниска процедура“,
додаде тој.
Апелира Владата да престане да врши партиски притисок, како што тоа го направи врз независните регулаторни тела, но и како што тоа го прави сега врз претставниците на Синдикатот и врз правосудството во целина.
„Конечно да тргнеме по патот на вистинските реформи. СДСМ дава целосна поддршка и тоа ќе го манифестира со гласање за кој било од законите од Реформската агенда во парламентот“,
заклучи Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски не смета дека е преседан неговата најава за протести доколку членовите на Судскиот совет не постапат соодветно на одлуката на парламентарците кои им изгласаа недоверба и се инаетат.
Според него, со неговата изјава дека може да се случи народ, не се врши упад во независноста на правосудството и додаде дека како претседател на Владата негова должност е да предупредува на последиците од однесувањето на членовите на Советот.
Вчера повтори дека доколку дојде до ваква ескалација и излезе народ да протестира, тој може да биде многуброен, а додаде и дека ќе биде поддржан од него.