Според проценките на дел од српските медиуми, вчеравечер во Белград пристигнале околу 30 илјади студенти и граѓани
Студенти и граѓани од рано утрово пристигнуваат во Белград за да учествуваат на протестот предводен од студентите во блокада, што се смета за кулминација на три и пол месечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Според проценките на дел од српските медиуми, вчеравечер во Белград пристигнале околу 30 илјади студенти и граѓани.
Студентите најавија дека денеска ќе пристигнат на местото на протестот од четири локации – од Автокоманда, од плоштадот „Република“, од булеварот „Крал Александар“ и од Нови Београд.
Собирот е најавен на кружниот тек кај општината Нови Београд во 10 часот, кај Автокоманда во 11:30 часот, додека во 13 часот е планиран собир кај споменикот „Вук“, како и кај плоштадот „Република“.
Студентите од факултетите во Вождовац најавија дека ќе ја блокираат Автокоманда од 11:52 часот, кога ќе одржи 15-минутен молк за загинатите во уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември. Блокадата ќе трае до 13 часот, а потоа ќе се упатат кон Собранието на Србија.
Студентите на Земјоделскиот факултет во блокадата најавија дека ќе се соберат на две места во 10 часот пред Земјоделскиот, а потоа и на кружниот тек во општината Нови Београд.
Тие ќе тргнат од Земјоделскиот факултет во 11 часот за да им се придружат на групата граѓани кај општината Нови Београд. Во 14 часот и 30 минути ќе се упатат кон српското Собрание.
Студентите кои го блокираа Шумарскиот факултет најавија дека планираат во 13 часот преку Жарково и Баново Брдо да стигнат до пристаништето „Ада“ кај Ада Циганлија од Видиковац, а потоа да се упатат кон Собранието.
Објавени се и правилата на митингот:
„Повикуваме на мирен протест. Ги замолуваме граѓаните да не се впуштаат во физички и вербални конфликти. Ве молиме почитувајте ги упатствата. Не излегувајте подалеку од предвидените граници на нашиот собир. Ве молиме не консумирајте алкохол и не носете пиротехнички средства“
се вели во соопштението на социјалните мрежи од студентите во блокада.
Студентите што пристигнуваа од другите градови синоќа беа пречекани во центарот на Белград.
Светските медиуми, како Ројтерс, Тајмс и Сандеј тајмс, на своите канали на Јутјуб во живо го пренесуваат пречекот на велосипедистите, маратонците и студентите кои пешачеа од многу делови на Србија до Белград за да учествуваат на утрешниот протест.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера соопшти дека државата ќе преземе мерки за обезбедување на протестот, а целосната одговорност за она што ќе се случува ќе биде на организаторите.
Предупреди дека секој што ќе се обиде да го наруши јавниот ред и мир ќе биде уапсен.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград вчера издаде безбедносно предупредување за своите државјани во врска со денешниот протест во главниот град на Србија. Во известувањето до американските граѓани, Амбасадата на САД ги повикува да ги избегнуваат местата на масовни собири.