Во известувањето до американските граѓани, Амбасадата на САД ги повика да ги избегнуваат местата на масовни собири на кои се очекува да се соберат стотици илјади граѓани
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград издаде безбедносно предупредување за своите државјани во врска со утрешниот протест во главниот град на Србија. Во известувањето до американските граѓани, Амбасадата на САД ги повикува да ги избегнуваат местата на масовни собири.

„Во Белград се очекуваат големи протестни акции, при што вкупниот број учесници потенцијално ќе достигне стотици илјади. Протестите може да се прошират во поголем дел од центарот на Белград, особено во областите во близина на државните институции и седиштето на јавниот радиодифузен сервис РТС“,
се наведува во известувањето објавено на веб-страницата на Амбасадата на САД во Србија.
Се додава дека српската полиција очекува голема метеж, затворање на јавните служби и сериозни последици за основните услуги, вклучително и итната медицинска помош, како и можни нарушувања во мобилната телефонија.
Властите во Србија со денови најавуваат можни немири на масовните демонстрации најавени за утре (15 март), додека студентските организации се оградуваат од ваквите ставови и повикуваат на мирен протест.
- Во пресрет на протестот во Белград, Синодот на СПЦ повика на прекин на поделбите и иницирање дијалог
Во пресрет на најавениот протест во Белград, Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) ги повика сите кои на кој било начин се вклучени во актуелните настани, да ги прекинат поделбите, да иницираат братски дијалог и да покажат покајание за време на велигденскиот пост.